Американскиот претседател Доналд Трамп ја нападна одлуката на Врховниот суд со која се ограничува неговото овластување за царини и најави дека воведува нова глобална царина од 10 проценти почнувајќи од денеска, додека ги задржува во сила постојните царини за национална безбедност и „оние од ерата на Кина“.
– Денеска ќе потпишам наредба за воведување на 10 отсто глобална царина под Секција 122 над и покрај нашите нормални царини кои веќе се наплаќаат – рече Трамп на прес-конференција на која одлуката на судот донесена со 6 спрема 3 гласа ја нарече „длабоко разочарувачка“.
Тој ги пофали судиите Кларенс Томас, Семјуел Алито и Брет Кавано за нивните спротивставени мислења, велејќи дека се „срами од одредени членови на судот“ поради нивните пресуди.
Судиите Нил Горсуч и Ејми Кони Барет, обајцата именувани од Трамп, му се придружија на претседателот на судот Џон Робертс во примена на доктрината за главни прашања.
Судијката Елена Кеган, на која и се придружија судијките Сонија Сотомајор и Кетанџи Браун Џексон, се согласи дека Меѓународниот закон за вонредни економски овластувања (ИЕЕПА) не одобрува царини, но рече дека случајот можел да биде решен со користење на обични алатки за законско толкување без повикување на доктрината за главни прашања.