Јас не знам дека марихуаната фатена во Србија излегла од Македонија, вели Мицкоски

by vlatko 16:57
16:57

Марихуаната, шишињата произведено масло од канабис и биомасата запленети вчера во акција на полицијата од правните лица кои се занимаваат со овој бизнис, според истрагата, е резултат на непочитување на законот, но тоа треба да биде потврдено и во судска постапка, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Досега, како што рече, запленети се 40 тони марихуана, но, не ја исклучи можноста до крај на акцијата да бидат 100 тони. Премиерот најави дека на следната владина седница ќе биде донесена одлука да се направат проверки во сите правни субјекти.

-Законот треба да се почитува. Овие коишто се предмет на оваа акција не го почитувале законот. Така ние мислиме. За да на крај дојдеме до решение, ќе каже судот низ една постапка дали го почитувале или не го почитувале. Ние мислиме во истрагава сега што ја водиме и во акцијата, дека не го почитувале – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека македонската регулатива дозволува извоз на масло од канабис за медицински цели, но како што нагласи, за тоа треба да се почитува законот и воспоставените норми.

-И сега нашата регулатива дозволува извоз на масло коешто се користи во медицински цели. Но, тоа има одредени норми и стандарди коишто треба да бидат постигнати. Вие не можете да декларирате отпад, отпад се знае, се гранки, лисја, а внатре во декларираниот отпад да најдете тврдо пресуван цвет од канабис – рече Мицкоски.

Тој вели дека законското решение е добро, но оти е спорен правилникот кој бил дополнително донесен.

-Јасно се знаело се, уште кога се носел правилникот, кога се дозволило на отворено да се одгледува канабис, истиот да се чува како што се чувал, истиот да се складира како што се складирал. Од тоа што успеав изминативе денови да го научам, почетникот во овој бизнис знае дека така таа работа не бива. Не може така да се добие производ со којшто ќе се задоволат ГМП нормите и стандардите за извоз на масло, кое потоа ќе се користи во медицински цели. Дали тоа некој со умисла го правел, дали тоа го правел со некаква друга цел, истрагата ќе даде одговор – рече Мицкоски.

На новинарско прашање, како од државава излегле 5 тона марихуана и дали и останатите запленети 40 тона биле наменети за шверц, премиерот рече дека немал информации дека запленетата марихуана во Србија била излезена од Македонија и ја повика новинарката доколку има такви информации да даде исказ во Обвинителството.

-Од каде информацијата дека од државава се излезени 5 тона марихуана, од каде знаете дека се потекнати од тука? Треба да дојдете да дадете исказ бидејќи јас не знам, а мислам дека и МВР не знае. Многу повеќе верувате на влада на сосед отколку на нашата влада – рече Мицкоски.

Слични вести