Со искази на нови петмина сведоци треба да продолжи судењето за пожарот во „Пулс“

by irena 09:05
09:05

Со искази на нови пет сведоци на Обвинителството денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. И на денешното рочиште, според најавите треба да сведочат лица што биле во „Пулс“ критичната ноќ на 16 март 2025 година.

Ова е второ рочиште од почетокот на годината, а судскиот процес е во доказна постапка. На претходното рочиште на 26 јануари искази дадоа четворица сведоци кои критичната ноќ на 16 март лани биле гости во т.н. кабаре. Фокусот на Обвинителството, односно прашањата кои ги поставуваа на сведоците, беа во врска со внатрешноста на објектот и она што тие го забележале во однос на мерките за безбедност. Без исклучок, сите четворица рекоа дека во „Пулс“ критичната вечер, како и претходно, имало малолетници.

Сведоците кажаа дека во објектот како гости не забележале противпожарни апарати, а дел од нив потврдија дека зад шанкот имало уште една врата, но оти таа не била отворена откако избувнал пожарот. Единствениот излез бил преку главниот влез, каде луѓето паѓале еден врз друг по стампедото што настанало додека гостите во паника бегале во обид да се спасат.

Слични вести