Додека тројца лекари „палат и гасат“ на клиниката, пациенти фаќаат сепса и умираат!

Скопската државна Кардиохирургија се соочува со низа скандали од нарушени меѓучовечки односи, до зголемена смртност на пациенти. Според обвинувањата на дел од вработените, во заднина со клиниката управуваат поранешен директор, кој игра со двете најголеми партии, но е заштитен од владејачката гарнитура, анестезиолог-раководител, во јавноста позната по нејзините кумски врски со екс премиер на државата, како и кардиохирург, кој има блиски релации со актуелната власт. За само кратко време, четворица анестезиолози, поради мобинг и страв, ја напуштиле болницата, а тие се клучни за која било операција. Во меѓувреме, дел од пациентите починале поради лекарска грешка или интрахоспитални инфекции, од кои фаќаат сепса.

by irena 13:36
13:36

Текстот е објавен на 16 октомври, 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1567

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

 Пред десетина години, Државна кардиохирургија во Македонија постоеше само во изборните програми на речиси сите партии што претендираа да се преселат на Илинденска. Долг период, овој проект фигурираше на хартија, а веќе во 2015 година официјално се отвори и првата државна кардиохирургија во земјата.

Само две години пред да ја изгубат власта, тогашниот премиер Никола Груевски и екс министерот за здравство, Никола Тодоров, ги отворија вратите на оваа клиника, која низ годините почна успешно да ја гради својата приказна.

Просторот на Клиниката за државна кардиохирургија е во склоп на скопска Кардиологија. Целиот објект е на површина од околу 750 квадратни метри, а вкупната инвестиција е околу 140 милиони денари.

Во тој период, лекарскиот тим го предводеше кардиохирургот Сашко Јовев, кој за време на министерувањето на Венко Филипче од редовите на СДСМ беше поставен и за директор на клиниката.

Веќе во 2020 година беше направена и првата трансплантација на срце, во која беше вклучен цел тим на лекари, а тоа беше и еден од поголемите успеси во јавното здравство. Со денови тоа беше главна тема во државата, а на тој начин беа спасени неколку човечки животи.

Сепак, како што поминуваше времето, така политиката вмеша прсти и пак ја одигра својата улога. Очигледно, не беа во прашање лоши менаџерски способности, туку суета и партиска неподобност.

Пред две години, на цели 40 степени работите на клиниката дополнително се вжештија, откако тогашниот министер за здравство, Фатмир Меџити, од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари, донесе одлука од функцијата директор да биде разрешен кардиохирургот Јовев.

Иако на нозе се крена дел од медицинскиот персонал и повеќето пациенти што биле оперирани од кардиохирургот, сепак, политичката одлука беше донесена, па така по кратка постапка ја решија директорската кариера на Јовев. И денес никој официјално не ја знае заднината – зошто се случи тоа? Но, затоа, пак, по цели три години добро се знае причината и за неговото разрешување и за свесното уништување на скопска Кардиохирургија.

За кратко време, на директорското столче седна доктор Марјан Шокаровски, кој, исто така, доаѓа од клиниката, со која управуваше повеќе од една година, а потоа на фотелјата го заменија Никола Лазовски, кој пред краток период замина во Аџибадем-Систина, додека, пак, сега со оваа болница управува доктор Дејан Димитровски.

Во последните три години, таму се случува тотален хаос, каде што главни жртви се дел од вработените, кои се неподобни и „непослушници“, како и пациентите што се лекуваат во оваа болница. Од ден во ден, работите на Кардиохирургија продолжуваат да се влошуваат со уште повжештен интензитет.

„Фокус“ веќе подолг период ги истражува случувањата на скопска Кардиохирургија, па редно време е да споделиме со јавноста – што, всушност, се случува таму.

МОБИНГ, СТРАВ, ДИСКРИМИНАЦИЈА…

Заплетот на приказната почнува на државна Кардиохирургија, која функционира речиси една деценија. На клиниката има вработено околу 70 луѓе, од кои седум кардиохирурзи и само два анестезиолози. Доволен е само еден клик за да се отвори официјалната веб-страница и да се види која е нивната мисија и визија.

„Државна кардиохирургија е специјализирана здравствена установа, која нуди висококвалитетна медицинска грижа за пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Ние користиме најсовремени медицински технологии и иновации за да обезбедиме најдобри можни резултати и побрзо закрепнување на нашите пациенти, со минимални ризици.

Нашиот тим се состои од искусни кардиохирурзи, васкуларни хирурзи, анестезиолози и медицински сестри кои со координиран и професионален пристап работат на осигурување на највисок квалитет на здравствената нега“, пишува во официјалниот опис на болницата.

Но, дали овој убаво спакуван текст ја отсликува реалната слика на клиниката или во заднина се кријат страшните случувања, кои во последниот период уништија сѐ што низ годините успешно се градеше?

Според нашите информации, на скопска Кардиохирургија, веќе подолг период владее тензична и напната атмосфера, вработените се поделени, а меѓучовечките односи нарушени. Можат да се слушнат кавги и навреди на секој чекор, а болничките соби се користат за прослави, ако некој од неподобните го избркаат или си замине самоиницијативно.
Ситуацијата експресно ескалираше откако кардиохирургот Јовев беше избркан од работа, за што ниту се знаеше, а и ниту се слушна во јавноста. Тој, со месеци, помина надвор од клиниката, додека неговата судбина наголемо се решаваше.

Иако, на почетокот жестоко и јавно се бореше, сепак на крај крена раце и никогаш повеќе со јавноста не сподели ниту една информација. За неговата судбина тогаш одлучуваше сега поранешниот директор Шокаровски, на кој очигледно Јовев му е главен трн во очите. Но, сепак, тоа не му го дозволи тогашниот министер за здравство Илир Демири, кој со декрет пак го врати на работа.

По година време оттогаш, работите во клиниката ни малку не се променети, само повеќе се влошени, а што е најстрашно, тоа удира врз грбот на пациентите. Во моментов таму владее тотален хаос, а револтот кај дел од вработените сѐ повеќе расте.

Според нашите информации, иако со клиниката официјално управува Димитровски, сепак во заднина, Кардиохирургија ја предводат неколку луѓе што одлучуваат за судбината на сите други, за начинот како да се одвива работата, кој да работи, како да се работи, кој има право да оперира, односно со еден збор – палат и гасат во болницата.

Имено, целата болница е оставена во рацете на поранешен директор кој игра и со двете партии, но е заштитен од владејачката гарнитура, анестезиолог-раководител, во јавноста позната по нејзините кумски врски со екс премиер на државата, како и уште еден кардиохирург, кој има блиски релации со актуелната власт. Тие тројцата одлучуваат што и како ќе се одвиваат работите на скопската Клиника за кардиохирургија.

Од тука и почнуваат проблемите, со тоа што поголемиот дел од вработените, не можејќи повеќе да ја поднесат мрачната и тешка атмосфера, одлучуваат да си заминат од болницата, иако се таму уште од првиот ден на нејзиното основање. Па така, освен „главниот“ анестезиолог, четворица веќе си заминале, со што се нарушува целата работа во болницата, а пациентите се оставени на милост и немилост.

„Фокус“ поразговара со дел од вработените, кои тврдат дека поради двајца луѓе си заминале четворица анестезиолози, кои се клучни за една успешна операција.

Мобинг, дискриминација и сеење страв поради што голем дел од персоналот веќе си замина од клиниката, а останатиот сериозно размислува за својата иднина. Немањето анестезиолози на клиниката е резултат на главниот анестезиолог поради која четворица анестезиолози дадоа отказ од клиниката поради постојан мобинг врз нив и останатиот персонал.

Критичната ситуација во која се наоѓа клиниката произлегува од лични интереси на три-четворица исти луѓе, кои секогаш во јавноста не ја зборуваат вистината и со тоа го уриваат авторитетот на клиниката и на неколку вредни работници, тврдат за „Фокус“, дел од вработените, кои сакаа да останат анонимни поради страв од одмазда.

Кардиохирургија, во моментов работи само со двајца анестезиолози, што е страшно, со оглед на тоа што таму се третираат екстремно тешки и комплексни случаи. На испомош доаѓаат анестезиолози од КАРИЛ, кои не се обучени за кардиоанестезија, туку за васкуларна хирургија, со што дополнително се влошува целата работна атмосфера.

Пред еден месец, на клиниката не се вршеа никакви операции поради недостиг од стручен кадар, за што актуелниот министер за здравство, Азир Алиу истакна дека празните места ќе се пополнуваат со лекари од Словенија, но не кажа од кога ќе почнат со работа.

ПОЧИНАТИ ПАЦИЕНТИ…

Откако државна Кардиохирургија ги отвори вратите за пациентите каде што се третираат едни од најтешките случаи, постепено почна да ја стекнува довербата на болните, а беа спасени и бројни човечки животи. Но, сето тоа отиде во заборав, откако некој во последните три години реши да го уништи сето тоа.

Судбината на Кардиохирургија повторно се крои откако се донесе одлука за нејзино спојување со Кардиологија. Тоа сѐ уште не е официјално, но работите одат токму во тој правец, каде што работата од цела една деценија ќе биде фрлена на буништето на историјата.

Додека од една страна „пука“ страшна афера во која се вплеткани двете приватни болници, кои во последните шест години за кардиохируршки и васкуларни интервенции од Фондот за здравство добиле 105 милиони евра, од друга страна некој свесно дозволува да се „стави“ клуч на врата на државна Кардиохирургија. Што е заднината?

Факт е дека македонското здравство е донесено до дното, но што се случува зад затворени врати?

„Фокус“ располага со документи и податоци во кои убаво може да се види како во моментот функционира клиниката. Според нашите информации, освен тоа што нема никаква работна атмосфера, дел од вработените се на боледувања, уште пострашно е што е зголемен бројот на починати пациенти, за што пред една година имаше и формирана Стручна комисија од страна на Министерството за здравство, која го потврди тоа.

Лека-полека, на површина излегуваат страшните судбини на дел од пациентите, кои поминале цели патешествија на Кардиохирургија.

Факт е дека на клиниката доаѓаат многу тешки пациенти, кои некогаш реално не можат да бидат спасени, но факт е дека има и пациенти што починале од лекарски грешки и од интрахоспитални инфекции.

Според нашите информации, во понеделникот починал 49-годишен пациент на клиниката, кој бил со тешка здравствена состојба, но во меѓувреме додека лежел таму закачил и интрахоспитална инфекција, фатил сепса, која на крајот му пресудила.

Речиси, сите клиники вријат од интрахоспитални инфекции, па откако еден таков пациент ќе биде опериран и интубиран, ќе остане на болничко лекување повеќе од четири, пет дена, не му бега да закачи инфекција, добива сепса и починува.

Но, тука голема улога игра и човечкиот фактор. Доволно е за време на една операција да не се променат ракавиците со кои вработените работат, пациентите веднаш ќе закачат интрахоспитална инфекција.

Лани летото, на Клиниката за кардиохирургија починал млад пациент над 40 години со аневризма. Според информациите со кои располагаме, тој бил примен како итен пациент во болницата, но поминало еден час додека лекарскиот тим се подготвувал да почне со операцијата.

Пациентот бил сместен на Интензивна нега, но од него побарале сам да се префрли од болничкиот кревет на операциониот стол, при што по дадениот напор му пукнала аортата. Откако се собрал целиот тим и настанал метеж, пациентот не ја дочекал операцијата и починал. Неговото семејство, кое чекало пред вратата, само било информирано за смртниот исход.

Сличен ваков случај имало и пред шест месеци, кога на скопска Кардиохирургија почина 57-годишниот Тони Ангелковски, чие семејство обвинува за лекарска грешка.

Тој на клиниката дошол со пукната аорта, но од таму дрско го исфрлиле и го препратиле во приватна болница бидејќи не им работеле хируршките сали. Во приватната болница, пак, им кажале дека треба да чекаат седум дена за да дојде делот што треба да се вгради и дека тоа ќе чини илјадници евра. Тие со страв пак се вратиле на државна Кардиохирургија, каде што со молење го хоспитализирале, но не била извршена операција и пациентот починал.

Но, тоа не е сѐ. На крајот на ноември, 2023 година била оперирана повозрасната пациентка С.Ц., чија интервенција поминала нормално. Сепак, како што излегла од болница почнала со редовни контроли на кои никој не забележал дека има крвавење, поточно срцето ѝ било исполнето со крв, па така пациентката од амбуланта повторно завршила на операционен стол, каде што и починала.

„Фокус“, пред една година дојде до документи од системот „Мој термин“, кои за неколку месеци ја покажуваат смртноста на скопската Клиника за кардиохирургија. Според документите со кои располагаме и ги објавивме, само во рок од 3 месеци, од вкупно оперирани 31, починале дури 14 пациенти!

Тогаш од Кардиохирургија демантираа дека е зголемена смртноста, но затоа, пак, извештајот од стручната Комисија го потврди токму спротивното.

Според извештајот, во 2022 година, на државна Кардиохирургија починале 37 пациенти што биле оперирани, а во 2023 година починале 58 пациенти што биле оперирани. Споредбата на починатите е за следните интервенции: васкуларна аорта, кардиолошка аорта и кардиохируршка операција. Дури 170 пациенти беа фантомски, односно не беа регуларно внесени со отпусни листи и умреници во Мој термин.

Тогашниот министер во заминување, Илир Демири истакна дека Шокаровски е виновен за нарушените човечки односи на клиниката и поради тоа пред да ја напушти министерската позиција го разреши од функцијата.

Комисијата предложила мерки за Државната клиника за кардиохирургија, со точни рокови за отстранување на недостатоците.

Рамка1:

ДИРЕКТОРОТ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

„Фокус“ испрати неколку прашања до актуелниот директор на скопската Клиника за кардиохирургија, Дејан Димитровски, од кој побаравме да ни одговори на следните неколку прашања:

  1. Дали сте запознаени со обвинувањата на дел од вработените дека се под постојан мобинг и малтретирање од неколку луѓе, кои во позадина управуваат со клиниката?
  2. Колку точно анестезиолози имате и колку заминаа? Како работите без анестезиолози?

3.Според обвинувањата на дел од вработените, тројца луѓе палат и гасат на клиниката, а таму владее тотален хаос. Што се случува на Кардиохирургија?

  1. Точно ли е дека е зголемена смртноста?

5.Што планирате да преземете за овие случувања?

Но, до затворањето на весникот од него не добивме повратни информации.

Рамка2:

Азир Алиу:

ВРАБОТЕНИТЕ ДА ПРИЈАВАТ ВО МИНИСТЕРСТВОТО

„Фокус“ на оваа тема поразговара и со актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, кој истакна дека се преземаат административни активности за оваа, но и за други клиники.

За жал, човечкиот капацитет на таа институција е затегната ситуација и затоа се бориме да најдеме привремено решение, а долгорочно решение ќе биде националната стратегија, која што заедно со МОН веќе ја работиме, истакна Алиу во изјава за „Фокус“.

На нашето прашање како ќе постапи по случувањата и хаосот што се случува на клиниката, министерот одговори.

За време на избори не можеме ништо административно да менуваме. За жал. На месечно ниво имам состанок со директорите, а сум имал и поединечни состаноци со вработени по нивно барање. Слободно можат да пријават кај нас, тврди Алиу.

 

 

Слични вести