ИНТЕРВЈУ со Александар Трајановски: Како градоначалник ќе помогнам на поголем број сограѓани, отколку што помагам како доктор

Кога СДСМ го промовираше својот кандидат за градоначалник во општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, порачаа дека на оваа општина пред се и треба човек да ја води, односно човек кој секојдневно помага на сите. Д-р Трајановски е специјализиран ортопед и трауматолог, а беше и поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Тој е активен и во политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ. Во минатото, бил носител на советничката листа на СДСМ во општина Аеродром, каде се залагал за поголема транспарентност и директен контакт со граѓаните. Тој исто така се залагал за пренос на седниците на Советот во живо, со цел граѓаните да имаат подобар увид во работата на локалната власт.

by valentina 13:30
13:30

Разговараше: Валентина ВУРМО

ФОКУС: Кои се првите нешта што би ги направиле ако ја добиете довербата на граѓаните?

ТРАЈАНОВСКИ: Реформата на системот за одржување на парковите и хигиената на јавните површини е проблемот кој најмногу „гори“. Аеродром е претворен во една голема депонија, со ѓубре буквално на секој чекор. Сликата на неискосени и пожолтени тревници, исушени неокастрени дрвја, недостигот од клупи и корпи за џебен отпад е првиот предизвик кој чека да биде решен. Чистата и здрава животна средина е тоа што жителите во Аеродром одамна им недостасува и тоа имаме обврска да им го вратиме, без оглед на сѐ.

Нашата програма предвидува зајакнување на капацитетите на јавното комунално претпријатие, поголеми плати и подобри услови за работа на вработените работници задолжени за хигиената и зеленилото, како и поделба на јавните површини на неколку зони што ќе бидат сервисирани и од приватни фирми доколку тоа е потребно.

ФОКУС: Кои капитални проекти и се потребни на општината?

ТРАЈАНОВСКИ: Сосема накратко, во редот на клучните капитални проекти предвидовме 2 нови градинки (во Мичурин и Ново Лисиче), проширување на постоечките, нова општинска зграда со мултимедијален центар за млади, мултифункционален културен центар, нова гимназија, нов затворен базен, нови сообраќајни коридори, паркиралишта, катни гаражи, велосипедски патеки и пешачки површини.

Општина Аеродром денес со право е нарекувана „спалната соба на Скопје“. Недозволиво е во толкава општина да нема ниту еден објект на културата, ниту една гимназија, ниту еден затворен пазар. Недозволиво е општината да нема сопствена зграда за општинската администрација и да плаќа скапи кирии на приватни компании, без доволно простор во градинките и училиштата, а истовремено се работи за најнаселената општина во Скопје со над 77.000 жители, по последниот попис.

ФОКУС: Дали имате решение за сообраќајниот хаос во Аеродром?

ТРАЈАНОВСКИ: Во развиениот свет, во западните метрополи,  сообраќајниот хаос се решава со воведување на функционален јавен превоз, повеќе велосипедски и пешачки патеки, паметни системи за паркирање, системи за изнајмување на велосипеди, тротинети, електрични скутери, системи за паметно паркирање и слично. Овие конкретни мерки се дел од внимателно подготвени планови за одржлива урбана мобилност. Сето тоа подразбира намалување на потребата секое второ семејство да поседува по 2-3 автомобили дома. Аеродром како најнаселена општина во Скопје не треба да заостанува во тој поглед.

ФОКУС: Како ќе се справите со уличните кучиња, кои се голем проблем и во оваа скопска општина?

ТРАЈАНОВСКИ: Преку интензивна соработка со Град Скопје, ЈП Лајка, но и Агенцијата за храна и ветеринарство и Владата, подготвени сме да создадеме услови преку кои нема да има повеќе улични кучиња на улиците. За тоа е потребно најнапред да го спречиме механичкиот прилив на улични кучиња од други градови кои немаат свои ЈП за улични животни, приливот од неодговорни сопственици на домашни миленици кои ги исфрлаат миленичињата на улица (тука АХВ треба да одигра клучна улога) и секако проширување на капацитетите на ЈП Лајка, но и зајакнување на техничките и човечките ресурси со кои се спроведува програмата за хуман третман на уличните животни.

ФОКУС: Депонијата Вардариште не е под надлежност на Аеродром, но ги труе и овие жители, кои се можеби и најпогодени. Имате ли некакви идеи за решавање на овој проблем?

ТРАЈАНОВСКИ: Со континуиран и силен притисок на сите надлежни институции, како и со меѓуопштинска соработка помеѓу Аеродром, Гази Баба и Град Скопје проблемот со Вардариште може да се реши, без разлика на надлежноста. Отровите од секое палење на Вардариште, што ги дишеме сите, не прашуваат за надлежност. Потребна е итна акција која ќе подразбира прво оградување на Вардариште, следи поставување на физички и видео надзор со цел да се спречи неовластено движење на лица низ депонијата, а дури потоа да се разгледаат физибилити студиите и долгорочните решенија.

ФОКУС: Дали жителите, освен згради, конечно ќе добијат и паркови, односно места со зеленило?

ТРАЈАНОВСКИ: Аеродром некогаш беше најзелената општина во Скопје, денес личи или на прашума или на пустина во зависност од тоа дали се пролетни или летни временските услови. За почеток, неопходно е да го доведеме прво постоечкото зеленило во ред. Секако дека има простор и за нови зелени површини и паркови, особено во најгусто населените делови од општината, периферни шумски појаси, фасадно зеленило, зелени кровови и слични проекти кои не се непознати дури и за Скопје.

ФОКУС: Зошто решивте вашата професија, доктор, да ја замените со градоначалничка позиција?

ТРАЈАНОВСКИ: Ако погледнеме од друг агол, повеќе би рекол помагањето на ограничен број на луѓе со потреба од медицинска интервенција го менувам со можноста да се помогне на поголем број сограѓани кои имаат реални проблеми во секојдневниот живот. Оттука, кандидатурата за градоначалник на најперспективната скопска општина е само логично продолжение на мојата професија.

Слични вести