Само во 2025 година во неколку наврати, Министерството за транспорт префрлило околу 100 милиони евра за потребите на изведувачот „Бехтел и Енка“ кој ги гради автопатите на Коридор 8 и Коридор 10Д, покажа иветајот од надзорот за прогресот на работата за ноември 2025 година, објавен од ЈПДП.
Во текот на 2025 година на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени се вкупно 97,7 милиони евра. За годинава, според најавите, планирани се 103 милиони евра.
Во 2023 година Владата на Ковачевски и Груби им префрли на Бехтел 240 милиони евра, а во 2024 година, Владата на Мицкоски и Меџити им префрли 66 милиони евра. Досега конзорциумот добил 400 милиони евра и заедно со најавените 103 милиони, се стигнува до бројка од повеќе од половина милијарда евра за автопат кој најверојатно ќе доцни една година.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше склучен во март 2023 година. Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ треба да изгради четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д во рок од пет години.
Станува збор за автопатски делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22 километри) Гостивар – Букојчани (30 километри), Тетово – Гостивар (17 километри) и Прилеп – Битола (40 километри).
Предложениот план на динамика на изградбата предвидуваше рок од 33 месеци за изградба на Тетово-Гостивар, 49 месеци за Требеништа-Струга-Кафасан и 57 месеци за Гостивар-Букојчани односно Прилеп-Битола.
Но, според извештајот од надзорот, наместо пуштање на автопатите во 2028 година како што беше најавено, тие ќе бидат завршени во декември 2029 година.
Досега на Делница 1, Тетово-Гостивар, достапни за работа се 13 километри од 17,5 километри, на Делница 2, Гостивар-Букојчани, достапни се 9,6 километри од 31 километар, а на Делница 4, Прилеп-Битола, достапни се 22 километри од 40 километри.
Четирите автопатски делници што се дел од проектот се со вкупна должина од 109 километри за кои треба да се изградат 24 потпатници, 34 натпатници, како и мостови во вкупна должина од 4,500 метри.
„Во периодот на ноември 2025 година, Изведувачот продолжи со извршување на работи главно на геотехнички истражувања, проектирање и изработка на технички спецификации за автопат, проекти за експропријација, привремено управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постојни објекти и други елементи на патот, како и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и објекти“, објаснија од Надзорот на проектот.
Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во ноември 2025 година биле ангажирани 2131 лице – вработени на изведувачот, на подизведувачи и индиректни даватели на услуги и на специјализираните изведувачи, како и 1290 парчиња вкупна опрема, покажува Извештајот.
Орце Костов