Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на БЕСА – една од политичките партии што ја сочинуваат владејачката коалиција ВЛЕН, упатува порака до „индивидуалци“ од раководството на ВЛЕН дека ако почнат „игри со лактови“ ќе ги снајде полоша судбина од онаа на ДУИ.
–Не би сакал индивидуалци кои се дел од раководството на ВЛЕН да почнат игри со лактови, бидејќи ќе ги снајде полошо од ДУИ, во времето кога почнаа да се самобендисуваат. Јас не сум за да и се врати насмевката на сегашната опозиција, но ако некој го посакува тоа, тогаш и ќе се постигне – вели Лимани за „Фокус“.
Тој оваа изјава ја дава во време кога се лиферуваат неофицијални информации дека размислува да формира нова политичка партија, или, пак, заедно со својата структура да се пресели од БЕСА кон друг политички субјект, исто така во рамки на ВЛЕН.
Сепак, Лимани не одговара прецизно на прашањето дали тоа е точно, ниту на дополнителното прашање на кои „индивидуалци кои се дел од раководството на ВЛЕН“ мисли кога вели дека ако „почнат игри со лактови“ ќе и ја вратат насмевката на сегашната опозиција предводена од ДУИ.
Меѓутоа, добро упатени партиски извори посочуваат дека главниот проблем е тоа што има одредени разлики и недоразбирања меѓу Лимани и партиското раководство на БЕСА на чело со Биљал Касами, кое гледа со одредено ниво на недоверба со Лимани, па дури и бара негова смена од министерската позиција.
Арно ама, според нашите соговорници, тоа не го дозволува првиот човек на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој позитивно ја вреднува работата на Лимани на Илинденска, а патем двајцата имаат пријателски однос од времето кога беа дел од раководството на АД ЕСМ.
За потсетување, Лимани стана актуелен во јавноста кога почна да испорачува критики кон поранешната партија ДУИ, кои имаа специфична тежина од причина што тој е во роднинска врска со долгогодишниот лидер на интегративците Али Ахмети.
Имено, Лимани беше тој што ја почна кампањата за имотот што го поседуваат Ахмети и членовите на неговото семејство во родниот Зајас и на други локации, кон која подоцна се приклучија и други политички структури и партии.
Откако се разиде со ДУИ и Ахмети, Лимани се кандидираше за градоначалник на Кичево на локалните избори во 2021 година, кога не влезе во вториот круг, но освои респектабилен квантум од неколку илјади гласови.
Токму овој изборен резултат го направи Лимани атрактивен за тогашните опозициски партии, кои сакаа да привлечат во своите редови човек со значително влијание и база во Кичево, кој секогаш важел бастион на ДУИ и Ахмети.
Па, во конкуренција на тогаш главните опозициски партии Алијанса за Албанците и БЕСА, Лимани одбра да и се приклучи на БЕСА, каде веднаш стана потпретседател на партијата.
Инаку, Лимани влезе во градоначалничка трка во Кичево и на изминативе избори, кога повторно не успеа да влезе во вториот изборен круг, во пресрет на кој тој им порача на граѓаните да гласаат за „подобриот“.
Во следниот период треба да се расчисти како ќе се развива односот на Лимани со сопартијците во БЕСА, но и како тоа ќе се одрази врз поголемиот процес на трансформација на ВЛЕН од коалиција во една политичка партија, кој е во тек.
Меџити и Касами ќе бидат претседател и копретседател на ВЛЕН, која наскоро ќе прерасне во партија!
Влатко СТОЈАНОВСКИ