Генерално, нема напредок – вака Европската комисија ја оценува Македонија во делот кој се однесува на судството и фундаменталните права во Извештајот за напредокот на земјата кон Европската за 2025 година, објавен денеска.
Извештајот се однесува на напредокот што земјава го постигнала во спроведувањето на реформите и приспособувањето со законодавството на Европската Унија во периодот од една година, односно од минатогодишниот извештај до денес.
„Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во примената на законодавството на ЕУ и европските стандарди во оваа област (судство и фундаментални права, односно Поглавјето 23). Генерално, немаше напредок“, се вели во Извештајот.
Осврнувајќи се на функционирањето на судството, Европската комисија особено директно ја нотира независноста и финансиската автономија на судството.
Во оваа насока во Извештајот се нотира дека целокупната независност и финансиската автономија на судството е поткопана од мешањето и притисокот од другите гранки на државната власт, нотирајќи ги во овој контекст интерпелациите на членови на Судскиот совет, што без изгласани во парламентот.
„Земјата започна со спроведување на Стратегијата за судска реформа (2024-2028) и продолжи да ги спроведува препораките на (Оценската) мисија за реформи во Судскиот совет од 2023 година за Судскиот совет. Целокупната независност и финансиска автономија на судството е поткопана од мешањето и притисокот од другите државни гранки, вклучително и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и ограничените доделени финансиски ресурси“, се наведува во Извештајот на ЕК.
Кога станува збор за судството, во него се нотира, и дека загрижува недостатокот на персонал, бидејќи влијае на квалитетот и на ефикасноста на правосудниот систем.