Државата, веќе со години има на дофат систем кој навреме алармира за опасност од поплави, но и дава корисни и навремени информации кога има закана од невреме и при еколошки катастрофи, но за жал не е заинтересирана да го искористи.
Станува збор за системот ЕЛИФ, изум на Борис Секирарски, кој е физичар, метеоролог и иноватор, и кој целиот живот ѝ го посветил на науката.
Тој уште во 2017 година го презентираше својот изум ЕЛИФ, првенствено наменет за предупредување од поплави, но државата, иако го препозна неговиот успех како иноватор, не го искористи неговиот изум.
ЕЛИФ системот, по кој знае кој пат се покажа многу корисен и по пожарот во Трубарево. Поточно, Секирарски, преку фотографии, разбирливи за секој човек, извести за првичното движење на опасниот чад. Потоа на секои два часа објавуваше за новата насока на чадот, но за жал информациите можеа да ги видат само неговите пријатели на фејсбук.

-Брз одговор во опасни состојби спасува животи…а ние со децении само повторуваме фрази за рани најави. И грешиме!
Пред Трубарево ние го имавме пожарот во Фалише покрај Тетово, а и пред тоа имавме случаи на ширење на облак на опасна материја. Имавме и опасно истекување во кругот на некогашната фабрика ОХИС. Во ниту еден од тие случаи немаше брзо информирање кое е познато како „rapid responce“ за загрозеност од ширење на опасни материи во вид на облак.
Ние потполно ја игнориравме потребата од најитно информирање во вака опасни состојби.
И конечно ние загубивме пред една деценија повеќе од 25 наши сограѓани во две брзи поплавувања. И тогаш немавме никаков систем за брза ракција, а и сега нема ниту обврска некој тоа да го стори, ниту развој на начини како тоа да се стори. Значи за 10 години ние не се помрднавме од место за да сме поефикасни во брзото поплавување за да се спасат човечките животи најпрвин, вели Секирарски за ,,Фокус”.
Тој објаснува дека неговиот систем веќе со години е на располагање, но државата не покажува интерес.
-Единствено во оваа насока во 2017 година се појави мојот систем за сигнализирање на отворено (плоштад, улица, училиште) за опасност од брза поплава. Системот освои 5 меѓународни златни и сребрени медали на саемите за иновации од Скопје до Москва и Загреб, за кратко проработи на балконот од мојата куќа во Куманово и тука сѐ застана. Во 2018 година ја добив и Ноемвриската награда на град Куманово. Наградите не изостанаа, но граѓаните не добија посигурно живеење.
Требаше да ги поставиме уредите кај Стајковци, кај реката Пена во Полог и на десетина други места, но и да ги вметнеме во еден иден модерен систем. За жал, ништо од тоа не се случи. Сѐ е исто како во 2015 година, со разочарување забележува иноваторот Секирарски.
Тој се обидел да го стави својот изум на располагање, чукнал на многу врати, но наишол на незаинтересираност и молк.
-Јас тогаш ги оставив моите секојдневни истражувања и појдов да барам пат како да почне мојот тогашен систем за брзи поплави да се примени. Изодев малку чукајќи на вратите на директори (ЦУК, ДСЗ), и неколку градоначалници (кои вкупно беа на функција од над 800.000 жители) и ништо. Наидов на едни луѓе, кои беа „културно незаинтересирани“ во однесувањето и единствено расположени да раскажат какви системи тие ќе спроведат или само што не ги спровеле. Самиот УХМР во кој јас до неодамна бев вработен е многу ниско поставен во хиерархијата на целиот наш систем на заштита, па и тој немаше никаков интерес за вакви активности, вели нашиот соговорник.
Тој додава дека нему му преостанало само да продолжи понатаму со неговиот дел од работата. Постојниот систем го претворил во апликација за на мобилен наречена „ЕЛИФЛ“, која полека оди кон бројка од 1.000 преземања, а почна со работа од 20 мај 2025 година.
-Резултатите остануваат и понатаму како објавувања на корисни и понекогаш спасоносни информации на социјалните мрежи, но неофицијално. Тоа значи дека е на граница на недозволено, бидејќи работам во итните случаи „по допрен глас“, а тој може да биде и неточен. Од друга страна, државниот апарат не е должен да информира каде ќе се шири чадот од еден опасен пожар како оној во Трубарево. За таква активност треба постојано активен систем и постојано активен тим што работи 24 часа и постојано во годината. Тоа значи дисциплина посветеност и ингеренции. Такво нешто ние можеби сме имале за цел пред некоја деценија, но сега веќе јас не гледам такво нешто, вели нашиот соговорник.
И покрај разочараноста од незаинтересираноста на институциите, тој вели дека неговата задача си ја завршува полека.
-Покажав како треба да се решаваат овие проблеми и дека тоа е можно. Кај нас дома, откако семејно се договоривме да истраам и понатаму со оваа работа, на домашни компјутери и делумно во современ „клауд“ ми е поставен целиот систем, кој дневно обработува повеќе видови информации отколку веројатно сите институции заедно прават месечно, ако не и годишно, вели иноваторот.
За среќа, инертноста на државата не го демотивира Секирарски и понатаму да твори.
-Овие денови ја доработувам (што е бескраен процес) хидролошка прогноза за државата, која е потполно објективна, значи дигитализирана, а не субјективна и скоро и да не постои кај нас, вели нашиот соговорник.
Бесплатната апликазија за АНдроид наречена Елифл е бесплатна за сите и е на адреса:
https://github.com/bsekirarski/Elifl/releases/download/v1.1/EliFl_1.1.apk
Филмот за инсталирање и користење на овој ловец на невреме, кој е единствен кај нас, е на локација: https://www.facebook.com/boris.sekirarski/videos/1768757440416065 (со титл на алабнски)
Повеќе детали за придонесот на ЕЛИФ по пожарот во Трубарево прочитајте во најновиот број на неделникот ,,Фокус”.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
Валентина Вурмо