Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал својот руски колега, Владимир Путин, и го информирал за резултатите од разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на ЕУ.
Ушаков рече дека Трамп и Путин се залагале за продолжување на директните разговори меѓу Москва и Киев и разговарале за можноста за подигнување на нивното ниво.
„Владимир Путин и Доналд Трамп се согласија да продолжат со блискиот контакт во врска со Украина и други актуелни прашања на меѓународната и билатералната агенда“, истакна Ушаков.
Помошникот на рускиот претседател рече дека разговорот бил „искрен и многу конструктивен“ и дека траел околу 40 минути, пренесува РИА Новости.
Според него, Путин топло му се заблагодарил на Трамп за гостопримството за време на средбата во Алјаска.
Трамп претходно изјави дека започнал со организирање на средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин, и Володимир Зеленски.
На својата социјална мрежа Trut Social, тој напиша дека разговарал со Путин за време на телефонски разговор по средбите со европските лидери во Белата куќа.
„На крајот од средбите, го повикав претседателот Путин и почнав да организирам средба, на локација што ќе биде утврдена подоцна, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски“, напиша Трамп.
Тој додаде дека по таа средба ќе биде организирана трилатерална средба, на која тој ќе присуствува покрај Путин и Зеленски.