Македонскиот музички бренд Cafe De Anatolia потпиша глобален договор за издавачка администрација со Sony Music Publishing, најголемата музичка издавачка куќа во светот.
Овој потег претставува значаен момент не само за брендот, туку и за целата музичка сцена во Македонија и Источна Европа, поставувајќи нови стандарди за глобален успех.
Sony Music Publishing MENA ја потврди соработката преку своите официјални социјални медиуми, објавувајќи ја пораката „Welcome Home“, со која симболично го најави вклучувањето на Cafe De Anatolia во глобалното издавачко семејство.
MENA означува Middle East and North Africa – што дополнително ја нагласува влијателната позиција на Cafe De Anatolia на пазарите од Блискиот Исток, каде нивната музика е особено присутна, сакана и културно поврзана со регионалната публика.
Cafe De Anatolia е првиот музички бренд од Македонија и Источна Европа што бил номиниран за престижната награда “Hype Label of the Year” од Beatport, водечката глобална платформа за електронска музика.
Cafe De Anatolia е широко признат од музичките заедници како еден од основоположниците на жанрот Organic House, иновативен правец што спојува етничка музика, длабоки ритми и органски елементи — препознаен како револуција во електронската сцена.
Ко-основачите Rialians On Earth и Billy Esteban се моментално најстриманите македонски артисти на глобално ниво, со милионски слушаности на Spotify и други платформи, како и со најголем број месечни слушатели.
Cafe De Anatolia управува со над 50 активни музички подбрендови и располага со каталог што опфаќа над 4.000 автори и артисти од целиот свет.
Основана во 2017 година од Моника Илиева (Monika Ilieva), Зоран Илиев (Billy Esteban), Никола Илиев (Nickarth/Rialians On Earth) и компанијата е препознаена како дигитална сила со најголемата Spotify мрежа во жанрот Organic House, како и со силно присуство на YouTube и глобален досег од над една милијарда прегледи.