Цените на поголем број производи на кои им беа замрзнати маржите од страна на Владата во периодот средина на февруари крај на април, во поголемиот дел од маркетите не се вратија на нивото од пред 18 февруари, утврди едно и пол месечната контрола на Државниот пазарен инспекторат на над 100 компании со над илјада продажни места.
-Во големопродажбата, односно нашите домашни производители и увозниците, односно дистрибутерите цените се вратени во време од пред одлуката – изјави Влатко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Но, во малопродажбата кај огромен дел од маркетите има зголемување на цените на производите, но тие се под нивото од пред 18 февруари. Кај најосновните производи зголемувањето на цените се движат од 3 до 5 насто, а кај хемиските производи, производите за лична хигиена, пелени и бебешка храна – од 10 до над 20 проценти.
Ова значи дека после мерките, иако има зголемување на цените, тие не се вратени на старо, односно добар дел од прехранбените производи кои најмногу се користат се поевтини од февруари. Сепак, Стојкоски посочи дека во мал дел од маркетите има поголемо поскапување.
-Забележани се минусни маржи, односно намалувања од 20 до над 100 проценти кај зеленчукот и овошјето. Сите сме сведоци на тоа, сите пазариме, сите одиме во маркети и на пазар – изјави Стојкоски.