90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски – еден од најголемите македонски поети и раскажувачи

by Fokus

На 25 јуни 1934 година, во селото Слоештица, Демирхисарско е роден Петре М. Андреевски, македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи.

Студираше на Филозофскиот факултет во Скопје. Работеше во Македонската телевизија. Беше уредник на списанието „Разгледи“.

Андреевски беше член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија на чие чело бил еден мандат. Творештвото на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн.

Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Најпознати дела: „Јазли“, „И на небо и на земја“, „Дениција“, „Дални наковални“, „Пофалби и поплаки“, „Вечна куќа“, „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“, „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, „Тунел“ и други. Бил добитник на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“.

Постхумно му е доделен Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Почина на 25 септември 2006 година, а е погребан во родното село.

Поврзани новости