„Македонија е грчка“, „Името е нашата душа“, „Не го даваме и не го отстапуваме името“, „Македонија значи Грција“, беа главните пораки што ги испратија организаторите на протестот во Солун, против името Македонија. Нешто повеќе од четири часа траеше официјалниот дел од собирот, а според грчката полиција, јавува дописникот на МИА од Атина, учество зеле околу 90.000 граѓани.
Според грчките медиуми, протестот, по масовноста ги надмина очекувањата, но ни приближно не наликуваше на демонстрациите од 1992.
Организаторите во нивните обраќања се задржаа на аргументите дека Грција не треба ниту да преговара ниту да прифати име во кое би бил вклучен терминот Македонија, бидејќи „Македонија била е и ќе остане грчка“. На присутните им се обрати и почесниот началник на Генералштабот на грчката армија Франгос Франгулис, кој во 2012 во тогашната службена влада еден месец беше министер за одбрана, во опширниот говор, меѓу другото побара во Грција да се одржи референдум пред да се потпише било каков договорот за името, но и „Скопје да признае грчко малцинство“.