На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори?“ во анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС) дури 23,3 отсто од испитаниците рекле дека не би гласале за ниедна партија.
Потоа, 12,5 отсто не сакале да се изјаснат, а 12,4 отсто рекле дека не знаат или немале одговор.
Од оние кои се определени, 20,3 отсто одговориле дека би заокружиле за ВМРО-ДПМНЕ, 11,3 отсто би гласале за СДСМ, а 3,5 отсто се изјасниле за Левица, додека 2,9 отсто за граѓанското движење на Максим Димитриевски.
Кај партиите на Албанците, ДУИ е со рејтинг од 5,6 отсто, па следува Беса со 2,3 отсто поддршка, па Алијанса за Албанците со 2 отсто, Алтернатива со 1,8 отсто и Демократско движење (Изет Меџити) за кое се изјасниле 1 отсто од испитаниците.
Истражувањето на ИПИС, чиј програмски директор е Владимир Божиновски, била спроведена телефонски во периодот помеѓу 25 и 27 октомври 2023 г., на примерок од 1 055 полнолетни испитаници на ниво на државава. Не е наведено за чии потреби е реализирано истражувањето.
Меѓу политичарите најголема доверба со 16,5 отсто има Христијан Мицкоски, 6,1 отсто рекле дека имаат најголема доверба во Али Ахмети, а 5,6 отсто се изјасниле за Димитар Ковачевски.
Максим Димитриевски има поддршка од 3,9 отсто, Димитар Апасиев 3,8 додека Никола Груевски 3,7 отсто од испитаниците.