83 отсто од починатите од Ковид-19 не биле вакцинирани

by fokus

83 отсто од починатите од Ковид-19 не биле вакцинирани, покажува последната статистика. Исто така, 79 отсто од хоспитализираните не се вакцинирани, како и 74,9 проценти од новозаразените. Надлежните уште еднаш испраќаат апел до граѓаните да се вакцинираат, уверувајќи дека ефикасноста на вакцините против Ковид-19 е потврдена со многу анализи.

Според статистиката, од 6 август до завчера, во земјава се потврдени 40.208 граѓани позитивни на Ковид-19, од кои 25 отсто биле целосно вакцинирани, односно 10.066 лица.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Во изминативе два месеца, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од апликацијата на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август на територија на државата починале 1382 пациенти со Ковид-19. Од нив 1149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а само 17 отсто односно 233 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, потенцираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2

Поврзани новости