80 војници гинат, за да се задоволат амбициите на миленикот на Путин! – Дневникот на Ана Политковскаја (5)

by Фокус

Фељтонот за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ пролетта 2010. Четвртиот дел може да го најдете на овој линк.

Петтиот дел од нашиот фељтон го потретира спојот на немилосрдноста и глупоста, како „концепт“ за непречено останување на власт во Русија за време на Втората чеченска војна.
Ана Политковскаја ја вади на површина алчноста на одделни офицери, кои, за да стекнат воена слава, не се воздржуваат да жртвуваат цели единици од руските вооружени сили.

Методот за отстранување на потенцијалните сведоци на идиотските планови на некои команданти, според Политковскаја многукратно одобруван од Путин, се надоврзува на трагедијата со пуштањето гас во театарот Дубровка, кога терористи ја зедоа во заложништво публиката на мјузиклот „Норд-Ост“.

Во лавиринтите на т.н. независна судска власт, роднините на несаканите сведоци не можат да се изборат ниту за правна сатисфакција по злоделата, станувајќи така жртви на немоќта или несакањето на руското општество и руската јавност, да се заштитат од апсолутизмот на Путин, од желбите за ѕвездени офицерски кариери после што повеќе пролиена крв; од поттикнувањето омраза и од длабоко коруптивниот модел на владеење, кој ги ограничува и граѓанските и воените слоеви.
На фонот на сето тоа, тече предизборната кампања за претседателските избори, на кои однапред се знае победникот!

14 јануари
Московскиот Басмански реонски суд, отсекогаш под влијанието на Кремљ, продолжува да ја усовршува уметноста на избирачкото правосудство, според кое не е важен законот, туку индивидуата кон која тој се применува.
Ако таа личност е непријател на Путин, басманските судии се педантни, но, ако е негов фаворит, тие не се задлабочуваат во правни подробности, па дури не сакаат ниту негово присуство на заседанието.

Денес судијата Станислав Вознесенски го разгледува барањето на Надежда Бушманова од Рјазанската област, мајка на Александар Слесаренко, војник загинат во Втората чеченска војна. Александар служел во специјален одред на Министерството за внатрешни работи, стациониран во Армавир.

Путни не сака парламент што ќе му се спротистави

Во септември 1999-та, на самиот почеток од Втората чеченска војна, тој одред бил вклучен во група за специјални операции, под командата на Виктор Казанцев, во тоа време командант на Севернокавкаскиот воен округ. Казанцев направил грешка и Александар, заедно со многу други, бил убиен. Еве што се случило.

 

ЖРТВУВАН ЦЕЛ ОДРЕД ЗА ДА СЕ СПАСИ ИДИОТСКИОТ ПЛАН НА КОМАНДАНТОТ

Се започнало на 5 септември, официјалниот почеток на војната, кога Путин издаде указ за спроведување „антитерористичка операција“. Се воделе битки во различни села на Дагестан. Околу 17 часот, борците го презеле дагестанското село Новолакское на границата со Чеченија и специјален одред од липецката милиција се нашол блокиран во милиционерската станица.
Требало да го извлечат.

Во ноќта на 5 септември, со таа задача биле пратени сто и дваесетмината од 15-от специјален одред. Меѓу нив бил и Александар Слесаренко. На 6 септември, воената единица била во Моздокската воена база во Северна Осетија. На 7 септември ги дислоцирале во дагестанското село Баташ-Јурт, а на 8 септември во Новолакское.

Во тој момент, армавирските борци преминале под командата на Казанцев. Нему му била доверена целосната операција за прочистување на Новолакскиот и Хасавјуртскиот реон во Дагестан и сите видови војски беа под негова команда.

На 8 септември, Казанцев му заповедал на својот заменик, генерал-мајор Николај Черкасенко, кој одговарал за внатрешните војски, да го поднесе планот за преземање на соседните ридови, согласно општите инструкции на Казанцев.

На 9 септември тој го одобрил планот и во 21:30 мајорот Јуриј Јашин, командирот на армавирската воена единица, добил заповед да ги напаѓа, преземе и задржи ридовите до пристигањето на засилувањето, така што оттаму да отворат оган против Новалокское.

Армавирските борци ја исполниле наредбата и тргнале со полна брзина, глуви и голи, како што се вели во армијата, без специјални комуникациски средства, ами само со обични радиостаници, кои биле со празни акумулатори, бидејќи немало време да ги наполнат.

Не изброиле колку воени резерви им требаат, затоа што не им било соопштено колку ќе треба да ги задржат ридовите. Можеле и да ги прежалат, тие воопшто и не биле од редовните сили на Казанцев.

Војната во Чеченија е многу чудна. Се мисли дека сите федерални војски војуваат на една и иста страна, а, всушност, не е така. Војниците од Министерството на одбраната се на нож со Федералната служба за безбедност (ФСБ), а внатрешните војски, пак, ем со сопственото внатрешно министерство, ем со армијата.

Кога офицерите велат „жртвите не се наши“ во воениот жаргон тоа значи дека загинатите се милиционери или војници од внатрешните војски.

Ете зошто долги години се води битка кој да го предводи заедничкото командување на силите и ресурсите во Северен Кавказ.
Ако командува воено лице, борците непотчинети на военото министерство нема да ги добијат нужните резерви и радиостаници!

Така се случило и тогаш. Армеецот Казанцев командувал неармејци. Околу 01:00 часот на 10 септември, деведесет и четворицата неармејци ги презеле ридовите, без да дадат жртви. Во 06:00, генерал-мајорот Черкасенко добил доверлив извештај од мајорот Јашин и ја предал информацијата на Казанцев, кој моментално заминал, спокоен дека ридовите се преземени.

Отсуствувал до 08:40, но, точно во 06:20, Јашин ненадејно се нашол на бришан простор. Во 07:30 чеченските борци започнале да го опколуваат специјалниот одред. Јашин побарал помош по радиостаницата, но, Черкасенко, оставен да го заменува Казанцев на командната позиција, не бил во состојба да му помогне.

Тој знаел дека друга група внатрешни војски под команда на генерал-мајор Григориј Терентиев веќе се обидела да се пробие до единицата на Јашин, меѓутоа, се соочила со решителен отпор. Загинале четиринаесет души и мнозина биле ранети, вклучувајќи го и самиот Терентиев. Пет транспортери гореле на падините на ридовите!

Освен единицата на Терентиев, не можеле да пратат други да му помогнат на Јашин, затоа што биле воени лица и затоа што командантот спиел. Во 08:30 Јашин му соопштил на Черкасенко дека останале без патрони и треба да отстапат. Генералот дозволил. Во 08:40 разбудениот Казанцев се втурнал на командното место. Не разбрал зошто Јашин отстапува. Нели му заповедал да ја задржи позицијата по секоја цена!?

Лојалноста кон Путин ги амнестира сите неуспеси

Во тој момент загубиле секаква врска со мајорот. Батериите на радиостаниците се потрошиле. Јашин бил „глув“ и сосема сам. Тој ја поделил единицата на групи, зел да води една од нив, доверил друга на постариот полковник Гадушкин и околу 11:00 почнале да отстапуваат надолу по падината.

Тоа им била единствената надеж да се спасат. Казанцев се наоѓал на командното место и лично го набљудувал нивното приближување. Потоа наредил да ја бомбардираат падината. Зошто ли? Затоа што имал план и веќе рапортирал ,горе, за тоа, кога точно ќе бидат елиминирани чеченските борци на ридот!

Во 15:00, на небото над групата на Јашин се појавиле два ниско летачки напаѓачки авиона СУ-25 и нанеле насочен удар против војските на внатрешното министерство, кои се извлекувале од опколувањето. По изрична заповед на Казанцев, ударот бил раководен лично од командантот на военовоздушните сили и противвоздушната одбрана на Четвратата армија генерал-полковник Валериј Горбенко.

Додека траел воздушниот напад, тие двајца херои, Казанцев и Горбенко, стоеле на набљудувачкото место на полето и со сопствените очи гледале како групата на Јашин истрелува сигнални ракети, за да покаже каде да не фрлаат бомби!

Зошто на 10 септември армавирскиот специјален одред бил така казнет?

Затоа што паднале во стапица. Одредот го жртвувале, за да го спасат Казанцев и неговиот идиотски план. Ги „поканиле“ војниците да загинат херојски, за да не избегаат од опколувањето и да не се претворат во потенцијални сведоци, само што тие не ја разбрале целта.

Подоцна тој метод често бил користен од шефовите на нашите сили за безбедност, и во Чеченија, и на други места. „Норд-Ост“ беше очигледна демонстрација на неговата употреба. Тој метод многукратно е одобруван од Путин. Ако се спасите – треба да ве наклеветат и казнат!!!

 

ЛОЈАЛНОСТА КОН ПУТИН НОСИ ИНДУЛГЕНЦИЈА

Според нашиот чудовишен судски систем, унапредувањата, становите, храната и привилегиите на военото обвинителство на Севернокавкаскиот воен округ зависат од командантот на округот, во случајот Казанцев. Тие го разгледале делото за гибелта на борците од армавирската воена единица по обвинението на роднините на жртвите.

Судот го оправдал Казанцев по сите обвиненија. Уште повеќе, го насликал како херој, опколен со страшливци. Еве цитат од протоколот на делото:

Во реалноста, внатрешните војски отстапуваат без поредок. Ситуацијата е речиси критична. Казанцев решава лично да отиде во предниот сектор и сам ги сопира воените единици на внатрешните војски, кои бегаат панично, им дава нова задача и се обидува да ги рашири останатите војници од внатрешните војски, така што да им го преградат патот на чеченските борци.

Казанцев е воен херој, а внатрешните војски се страшливци. Тоа е решението на судот!

Војниците несомнено бегале, но, тие бегале од гибелната стапица во која биле втурнати. Се обидувале да се спасат од бомбите, фрлани од горе по заповед на малоумници. Ги влечеле ранетите, молеле за помош да ги пренесат труповите на загинатите. Казанцев, пак, си го набљудувал сето тоа.

Билансот од подлото бомбардирање во 15:00 од двата напаѓачки авиона СУ-25 – убиени се осум души, а дваесет и тројца се ранети. Само еден војник загинува во битка со чеченските борци!

Според истрагата, општите загуби на внатрешните војски од текот на операцијата на Казанцев на 9-10 септември се „над осумдесет души“. Нема подробности. Војниците од воената единица на мајор Јашин се вратиле во своите формации за неколку дена.

Две недели подоцна, телото на Александар Слесаренко било однесено во неговиот дом во Рјазанската област во запечатен ковчег. Ковчезите биле погребани низ гробиштата на Русија. Државата им поставила на гробовите најефтини можни споменици – навреда за мажите, кои лежат под нив!

Мајката на Александар поднесува барање до Басманскиот суд, во чија јурисдикција е Министерството за одбрана. Судијата Вознесенски наредува државната каса да и исплати компензација од 250.000 рубљи (7.150 евра).
Излишно е да се каже дека тие не се од џебот на Казанцев, кој веќе стана фаворит на претседателот и личен претставник на Путин во Северен Кавказ.

Казанцев беше опсипан со медали, ордени и титули од Путин за учеството во таканаречената антитерористичка операција, затоа што ја доведе Чеченија во посакуваната од претседателот состојба.

Судијата Вознесенски е млад, динамичен и модерен, и не се стеснува при споменувањето на административно вмешување во судскиот процес. Тој знае точно за што станува збор. Го познавам добро. Стекнал блескаво образование и го обојува разговорот со латински изрази, што е нечуена ерудиција за руски судија.

Чеченскати војни беа полигон за ѕвездените кариери на сите воени другари на Путин

Но, Вознесенски не се задлабочува многу во подробности околу гибелта на војникот Слесаренко, ниту се потруди да го викне во судот оној „херој на Русија“ – генерал Виктор Казанцев.

Така, руските плаќачи на данок уште еднаш трпеливо ја плаќаат сметката за Втората чеченска војна и за идиотштината на нејзините генерали, плус сите други трошоци за воените авантури што следеа во Северен Кавказ.

До кога ќе трае тоа? Трагедијата на Втората чеченска војна се претвори во ракетен полигон за ѕвездените кариери на сите други воени другари на сегашниот претседател, кои учествуваат во неа. Колку повеќе крв се пролева, толку повисоко тие се издигнуваат.

А, кој ја носи одговорноста? Едноставно, нема значење колку души праќа во смрт Казанцев – нема значење колку пати се струполува пијан во рацете на други, вклучувајќи новинари. Тоа се дребулии. Денес во Русија има значење единствено верноста кон Путин.

Лојалноста носи индулгенција, амнестија однапред за сите успеси и неуспеси во животот. Кадарноста и професионализмот не чинат за ништо во Кремљ. Системот, кој се разви при управувањето на Путин, длабоко ги корумпира и граѓанските, и воените службеници!

Мајката на Александар ми рече:
„Никогаш нема да се помирам дека Саша беше жртвуван во името на генералските амбиции. Никогаш“.

15 јануари
Во Москва се крева врева околу пишувањето нов учебник по историја. Членовите на Единствена Русија настојуваат Путин да нареди во него да биде вклучена гордоста од настаните за време на Руско-финската војна од 1939 година и Сталиновата колективизација во селското стопанство.

Настојуваат нашите деца пак да го учат советското толкување на Втората светска војна и божем позитивната ролја, изиграна од Сталин. Путин се согласува со нив. Хомо совиетицус ни дише во вратот. Во меѓувреме, друг учебник е забранет, затоа што во него се цитирани зборовите на академик Јанов, дека Русија е во опасност да се претвори во национал-социјалистичка држава, вооружена со нуклеарно оружје..!

 

ЗЛОСТОРНИЧКО ОСТАВАЊЕ НА РЕГРУТИТЕ ДА ИЗМРЗНАТ

Во меѓувреме, во Магадан, голем број регрути се разболеле на пат за своите единици. Путин реагира моментално, го нарекува – „злосторничко однесување кон луѓето“. Регрутите биле построени на еден аеродром во период од неколку часа, само со лесна облека и над осумдесет од нив се јавиле во болница со пневмонија.

Еден од војниците, Володја Берјозин од Московската област, починал на 3 декември од измрзнување. Бил силно, здраво момче, избрано да служи во претседателскиот полк. Исто како сите останати, татко му настојува да добие објаснување од претседателот, како е можно да се случи такво нешто?!

Веќе е 15 јануари и Володја Берјозин беше погребан пред девет дена, но, Русија едвај се огорчи откако Путин даде израз на својот гнев. Војниците се прашина под офицерските чизми. Тука е токму така, и Путин, самиот олицетворение на тој стереотип, го прифаќа тоа. Гневот му е предизборна поза. Ништо повеќе!

Рехабилитација на СССР и на Сталин

16 јануари
Трупот на Аслан Давлетукаев, одвлечен од својот дом на 10 јануари, е откриен со јасни траги од измачувања. Застрелан е во тилот. Телото е најдено во предградијата на Гудермес. Аслан е познат чеченски активист за човекови права. И покрај вмешувањето на меѓународни организации истрагата за убиството остана јалова.

Слава на царот! Го истражуваат случајот со измрзнатите војници. Нечовечкото однесување кон нив започнало на воениот аеродром „Чакалов“, во Московската област. Времето воопшто не било топло и регрутите едно деноноќие биле напикани во незатоплено складиште со оружје, спиеле врз сандаци и на студен под.

Не им дале апсолутно никаква храна, ниту тогаш, ниту за време на патувањето што следело. Ги превезувале со товарен авион при температура од минус 30 Целзиусови степени, како трупови, и замрзнале до балчак.
Кога се приземјиле во Новосибирск, ги одвеле на пистата и ги оставиле два часа да стојат на остар ветер при минус 19 степени. На пистата во Комсомолск на Амур виселе четири часа во лесна облека при минус 25 степени.

Во Петропавловск-Камчатски станало јасно дека некои од нив се тешко болни, но, офицерите што ги придружувале не обрнале внимание. Во касарната, каде се сместиле после летот, температурата била 12 степени. Веќе речиси сите биле болни.
Немало услови за лекување. Воените лекари располагале само со антибиотици, чиј рок на важење истекол уште во средината на 90-те години од 20-от век. Немало дури ни шприцови за еднократна употреба. Докторите им дале лекарства против кашлица!

Од Главното воено обвинителство соопштија дека во врска со случајот наскоро ќе го испитаат генерал-полковник Василиј Смирнов, началник на Главната организационо-мобилизациска управа на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тоа е слобода без преседан, можна единствено ако им било дадено зелено светло одозгора.

Веќе биле испрашани дваесет и двајца генерали – за прв пат воопшто „беспокојат“ генерали за нешто што се случило со војници, кои се наоѓале на отслужување на редовниот воен рок. Прекрасно е да видиш дека претседателот се држи како вистински заштитник на човечките права во Русија, но, дали ќе ја носи истата маска и по изборите?

Залезот на нашата демократија продолжува. Ништо во Русија не зависи од народот – се зависи од Путин. Власта се повеќе се централизира и службениците ја губат иницијативата. Претседателот го преродува нашиот древен стереотип:
„Да почекаме додека се врати господарот. Тој ќе ни каже како треба се да биде“.

Треба да се признае дека рускиот народ ја сака токму таа положба, што значи дека Путин брзо ќе ја фрли маската на правозаштитник. Веќе нема да му треба!

Каде исчезнаа сите демократи?

17 јануари
Продолжува политичкото митарење и преминување од една партија во друга. Партијата на преродбата на Русија, која е уште една партија-џуџе, раководена од Генадиј Селезњов, реши да го поддржи Путин на изборите и да го откачи Сергеј Миронов, претседателот на Советот на федерацијата и лидер на Партијата на животот, со која имаше коалиција за време на парламентарните избори. Решението било донесено после анализа на изборните резултати на партијата.
Партиите на тие двајца раководители заедно спечалиле едвај 1,88 отсто од гласовите.

 

МАЈКАТА ЌЕ ГЛАСА ПРОТИВ СИНОТ, ОТИ Е МНОГУ ЗАДОВОЛНА ОД ПУТИН?!

На телевизијата го покажуваат Путин како повторува:
„Не ни е потребна Државна дума што ќе спори“.

Претставниците на Единствена Русија ја уверуваат земјата дека дека нивното „преземање, на парламентот било почесно кон избирачите. Станува се појасно дека во партијата Единствена Русија царува воена дисциплина. Ниту еден пратеник нема право да дава интервјуа на новинари и да гласа според совеста. Сега партијата има 310 пратеници. Кон нив продолжуваат да се присоединуваат нови и нови.

Предизборната кампања навистина е чудна. Всушност, нема потреба од искусни политички манипулатори. Веќе сите го претпочитаат Путин, дури и неговите противници. И идиотот телохранител Малишкин го признава тоа. На телевизијата ја прикажаа мајката на Малишкин, која живее во Ростовската област, во куќа без течна вода.

Таа вели дека ќе гласа за Путин, затоа што е многу задоволна од него. Миронов дури зачудено праша:
„Зошто воопшто се кандидираме!? Сите ние би требало да стоиме рамо до рамо со Него“!

Сергеј Глазиев, уште еден псевдокандидат, му изјави на народот:
„Мене ми се допаѓа Путин. Ние имаме многу заедничко. Но, не ми се допаѓа како се исполнуваат неговите решенија“.

Неуспехот на демократите и либералите да излезат со заедничка кандидатура се повеќе заличува на политичко самоубиство.

Во Грозни, среде бел ден, руски војници го одвлекуваат Халид Еделхаев, четириесет и седумгодишен таксист, на патот за селото Петропавлоское. Не е познато каде се наоѓа.

18 јануари
Централната изборна комисија започнува да прима потписи од приврзаниците на независните кандидати, но, останал ли некој, кој навистина е против Путин? Само Ирина Хакамада. Лидерите на Комунистичката партија, Зјуганов и Семигин, се препираат меѓусебе и немаат време за сериозна политичка борба против Путин.

Рогозин од Родина вели дека не сакал да го поддржи Путин. Глазиев уште се двоуми. Крајниот рок за потписите е 28 јануари. До изборите остануваат 55 дена.

19 јануари
Комитет 2008, организација која се залага за чесни избори, но, со надеж да се избори за нив едвај во 2008-та, објави програма во која се вели дека во моментов е „одвратно“ да живееш во Русија. Божем не знаеме! Претседател на комитетот е бившиот светски шампион во шах, Гари Каспаров. Тој е интелигентен и самоуверен, што е добар почеток.

28 јануари
Во 18:00 Централната изборна комисија престана да прима потписи од приврзаниците на кандидатите за претседател. Путин, Миронов и Рибкин веќе ги доставија своите. Хакамада ги предаде потписите во 15:00. Претприемачот Анзори Аксентиев прати писмо, со кое ја повлече кандидатурата. Има алтернативи: Хакамада за прозападните приврзаници, Харитонов за комунистите, Малишкин за политичките екстремисти и гангстери, Глазиев за тие што веруваат во нашиот статус на суперсила!

4 февруари
Заврши Осмиот светски руски народен собор. Го рекламираа како голем настан во февруари и речиси личеше на конгрес на партијата Единствена Русија, со учество на сите повисоки владини бирократи. Колку и да е чудно, никој не се сеќава кога се одржал Седмиот светски собор.

 

ПОРАДИ БОМБАТА ВО МОСКОВСКОТО МЕТРО, ЧЕЧЕНЦИТЕ ТРЕБА ДА ЖИВЕАТ ВО РЕЗЕРВАТ?!

На Соборот, олигархот банкар на претседателот, Сергеј Пугачов, седеше десно од патријархот на Руската православна црква (РПЦ). Пугачов е еден од Путиновите олигарси, кои ги истиснаа Елциновите, и владата стигна дотаму да го нарекува „руски православен банкар“. По барање на Пугачов, Соборот донесе некакви чудни Десет Божји заповеди за бизнисмени, наречени „Кодекс на морални принципи и правила во економијата“!

Митрополитот Кирил, посочуван за наследник на остарениот и постојано болникав патријарх, ја водеше сесијата на која се разгледуваше Кодексот. Тој изјави потполно отворено:
„Ќе отидеме кај сите и ќе ги поканиме да го потпишат. Ако одбијат, ќе се погрижиме имињата да им станат познати на сите“. Колку голем духовник е тој!

Но, кој ни го проповеда тој морал? Истата онаа РПЦ, која ги дава своите благослови за војната во Чеченија, за трговијата со оружје и братоубиствата во Северен Кавказ. Прифаќањето на тој морален бизнис-кодекс е исклучителен обид од страна на РПЦ, која е одделена од државата, да се вклучи во внатрешната и надворешната политика.

РСИП коментира дека ,самата црква треба да се реформира. Нејзината сопствена стагнација е причина, такви чудни идеи да и паѓаат на памет и јавно да излегува со нив,!

Црквата проповеда морал, а благословува војна

6 февруари
08:32. Три месеци по терористичкиот удар пред хотелот „Национал“ избувна бомба во московското метро на станицата меѓу линиите Павелацкаја и Автозаводскаја-Замоскворецкаја. Додека композицијата навлегувала во градскиот центар во ударно време, до првата врата на вториот вагон се активирала експлозивна направа, поставена во чанта на петнаесет сантиметри над подот.
По експлозијата, инерцијата на возот продолжила да го носи уште триста метри.

Избувнал силен пожар. На место загинале 30 души, уште 9 починале од изгореници, 140 се ранети. Расфрлани се десетици непознати парчиња од тела. Од тунелот излегоа над 700 души, сами се евакуираа, без каква и да е помош. На улиците царува хаос и страв, завиваат сирените на службите за интервенција при хаварии, милиони луѓе се ужаснати.

Во 10:44 влезе во сила вонредниот план за пронаоѓање на извршителите Вулкан-5, цели два часа по експлозијата. Кого си вообразуваат дека ќе фатат? Ако воопшто ги имало, соучесниците одамна избегале. Во 12:12 полицијата почна да бара 30-35 годишен маж ,со кавкаска надворешност,.

Многу насочувачки. Во 13:30, Валериј Шанцев, вршителот на должноста градоначалник на Москва, додека Лужков е во САД, изјави дека семејствата на жртвите ќе добијат обештетување од 100.000 рубљи (2.800 евра), а на ранетите ќе им биде исплатена половина од таа сума.

И покрај вонредните надлежности на ФСБ и милицијата, низ Москва непречено можат да шетаат терористи со експлозиви, но, луѓето сепак го поддржуваат Путин. Никој не предлага промена на политиката во Чеченија и покрај десетте атентати минатата година, меѓу кои и такви, извршени од терористи камикази.

Црвениот плоштад речиси постојано е затворен за посетители. Палестинизацијата на Чеченија е очевидна. Еден час по експлозијата, беше објавена изјава на Движењето против нелегалната емиграција, организација создадена од силите за безбедност. Неговиот лидер Александар Белов изјави:

Првото барање ни е да им се забрани на Чеченците да ја напуштат Чеченија. Во САД и Канада до ден-денешен има специјални резервати за опасни народи. Ако една етничка група не сака да живее цивилизирано, нека живее зад ѕид. Наречете го како сакате: резерват, логор. На некаков начин треба да се заштитиме.

Веќе не можеме да се преправаме дека Чеченците, од кои мнозинството на еден или друг начин се сврзани со чеченската опозиција, се граѓани во истата смисла како Чувашите, Бурјатите, Карелите и Русите. За нив тоа е продолжение на војната. Бараат одмазда. Чеченската дијаспора во Русија, вклучувајќи ги и чеченските бизнисмени, е расадник на тероризам. Јас само го изразувам она што го мислат 80 проценти од Русите!

Тој е во право. Токму такво е мислењето на мнозинството. Општеството се движи кон фашизам!

(продолжува следниот петок)

 

Поврзани новости