Пред две години 57 проценти, сега 71,5 проценти од Грците не прифаќаат сложено име со вклучен терминот Македонија, покажуваат резултатите од истражувањата од 2016 и 2018 спроведени од фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП. Дел од резултатите беа веќе објавени во весникот „Катимерини“ во февруари, како што тогаш објави МИА, додека пак сега, комплетното истражување беше презентирано на конференција во Атина.
На прашањето: „Кое решение би го прифатиле за името на соседната земја?“ во истражувањето спроведено во јануари годинава 22,5 проценти, одговориле сложено име, 71,5 проценти не прифаќаат име со терминот Македонија, а 6 проценти рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Во 2016, на истото прашање, во рамки на истото истражување, процентот на оние што не го прифаќаат терминот Македонија беше 57 проценти, а за сложено име беа 38 проценти од анкетираните.
Во однос на тоа колку е важно итното решавањето на името, 53 проценти одговориле дека е многу важно, додека пак пред 2 години, оваа бројка изнесувала 58 проценти.
Само еден од двајца Грци знаат дека официјалната позиција на грчката Влада е сложено име, додека пак еден од тројца имаат погрешна информација, сметаат дека официјалната позиција не е сложено име.
Истражувањето беше спроведено од 23 до 25 јануари годинава од солунскиот Универзитет Македонија и фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП, а учествувале 1.071 лице
Јоанис Армаколас, професор на солунскиот универзитет Македонија и шеф на програмата за југоисточна Европа во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во разговор со дописничката на МИА од Атина, во однос на радикализираната позиција на мнозинството Грци за разлика од 2 години, вели дека временскиот период во кој беше спроведено истражувањето, игра важна улога, исто како што играат улога и протестите.
– Во 2016 истражувањето беше во период кога прашањето не беше актуелно во јавниот дијалог, во јавниот живот, затоа таму се и малку поопуштени размислувањата. Новото истражување беше во период на преговори, на интензивни консултации. Беше веднаш по протестот во Солун, што значи дека и тоа одигра улога и на некој начин ја гледаме, според моето мислење, вистинската слика. Во исто време јасно е дека не е направена некоја вистинска работа во подготовката на јавното мислење во последните 2 години, вели Армаколас кој воедно, на конференцијата во Атина ги презентираше резултатите.
Грчкиот професор, смета дека јавното мислење во Грција не е подготвено за компромис со сложено име што би го вклучило и терминот Македонија.
– Не е подготвено јавното мислење, а голема улога ќе одигра тоа дали опозицијата ќе соработува. Ако соработува опозицијата, активно и вистински сака да помогне да се постигне решение, тогаш мислам дека и јавното мислење во голема мерка ќе ја следи. Но, за ова потребна е соработка и доверба меѓу владата и опозицијата, нешто што, не само што не постои, туку односите се речиси непријателски. Ова е уште една причина поради која и не сум особено оптимист, коментира професорот Армаколас.
Во однос на тоа што треба да се направи за да промени овој негативен став кај граѓаните во Грција, професорот вели дека „јавниот дијалог е многу отровен во Грција, особено кон оние со кои земјата има разлики или несогласувања“, и треба поотворено да се говори за тоа што се меѓународни односи.
МИА