61 (втор дел)

by Фокус

Слободата и демократијата мора да останат да живеат во Македонија. На државата ѝ треба проевропска влада бидејќи, како што вели премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, огромно мнозинство од граѓаните сакаат држава-членка на ЕУ, сакаат младите да живеат во државата и сакаат сигурност за сегашните и за идните генерации.

Пишува: Сања ЛУКАРЕВСКА

И еве го продолжението што го најавив во претходната колумна. Насловот е ист. Исто како и амбициите да се добијат гласови, „математички прецизно“ и доволно за 61 пратеник.

Во овој случај, 61 не е само обична бројка, туку бројка како „дозвола од народот“ да се доврши недовршениот проект. Барател: пак ВМРО ДПМНЕ.

Ништо ново. И нејзиниот претходен лидер Никола Груевски ја бараше истата бројка – 61.

(Зло)употребата на таа бројка, од 2006 до 2014 година, накусо ја опишав во претходната колумна. Продолжението е посветено на кулминацијата на злото.

МОЌТА НА 61

И 2014 година беше изборна година. Се одржаа и претседателски и уште едни предвремени парламентарни избори. Беше тоа година, која почна со афера за новинарка фатена со рацете во скап тендер во здравството.

Стејт департментот, во својот извештај, ги нотираше новинарот Кежаровски и претседателот на Советот на Општина Центар, Шиповиќ, како политички затвореници и притвореници, како и дека владата на Груевски не го почитува владеењето на правото.

СДСМ објави документи за незаконски извлечени 3,5 милиони евра од сметката на „Актор“, грчка компанија, која го градеше автопатот Демир Капија – Смоквица.

Ѓорге Иванов, во април 2014, го доби вториот мандат, а на предвремените парламентарни избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, доби 61 пратеник. Оценувајќи ги изборите како системска кражба, 33 пратеници од СДСМ поднесоа оставки.

Црпејќи моќ од добиените 61 пратеник, владата на ДПМНЕ до Собранието (чија работа опозицијата ја бојкотираше) достави уставни измени, меѓу кои и за промена на составот на Судскиот совет.

Како дел од проектот „Скопје 2014“, во Вардар се укотвија двете галии, се поставија лавовите на мостот „Гоце Делчев“, а Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради донираше пет споменици.

Веројатно, во знак на благодарност за поддршката која со години ја добиваше од владата на ДПМНЕ, односно од парите на граѓаните.

Во вознесот, владата на Груевски предложи нов државен грб со разгневен лав.

Комисијата за лустрација „печатеше решенија за соработници и кодоши“.

Владата посегна и по автономијата на универзитетите. Како одговор ги доби најмасовните студентски протести.

СДСМ објави дека поседува докази за корупција во редовите на владата на ДПМНЕ. Моќта на 61 глас беше премногу за државата.

„БОМБИТЕ“, СЕПАК, „ПУКНАА“

2015 година, полициското МВРО направи акција за „деактивирање на бомбите“ наречена „Пуч“ и го приведе Зоран Верушевски, како и „свиркачите“ Звонко Костовски и Ѓорги Лазаревски. На драматична прес-конференција, Груевски го обвини Заев за државен удар, но и дека го уценувал со компромитирачки материјали. За тие материјали, Груевски рече: „сечени, лепени и монтирани“.

Втор очаен обид за забошотување по „Пуч“ беше „случајното“ објавување на Јутјуб на селектирано видео од разговорот меѓу Груевски и Заев во премиерскиот кабинет.

Како трет обид да се задуши татнежот на „бомбите“ беше изјавата на Јавното обвинителство дека „објавувањето материјали, кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка, е забрането и казниво со закон“. Тоа беше протолкувано како предупредување до медиумите за да замолчат.

„Бомбите“, сепак, „пукнаа“. Нивното објавување преку социјалните мрежи, со директно вклучување во седиштето на СДСМ од каде што беа емитувани, го следеа илјадници граѓани.

„Жолтите комбиња и странските служби“ му беа виновни на Груевски што јавноста можеше да слушне: како се раздавани стотици милиони народни пари за „мермер, а не е мермер“, договор за купување на ГТЦ, за „покривање на грдите згради од Градски ѕид“ со згради во барок, за „сваровски“ судство и ваучери за козметичари за „подмачкување“, за избор на судии и деца на судии, за „куртон вести“, за вработувања на подобни и чистење од неподобни, за уривања со динамит во сезона на годишни одмори, за тајно градење во скопски елитни населби и на самиот брег на Охридско Езеро, за 5 отсто провизија од „жолтите“ за градење автопатишта на погрешни траси, за намерно заглавени лифтови на денот на избори, за возење пензионери на изборен ден за да не гласаат, за „човечиња“ од Пустец на кои им издаваа лажни лични карти на иста адреса, за „циганите за уши“ да се однесат на гласање, за отворање на „тоа пластичното“ од запечатени гласачки листови, за семејства „во ендек“, за новинарите дека се „таленти и идиоти“ зашто прашуваат за „некој убиен на плоштад, а денес е победнички ден“.

Кога одекна „бомбата“ за убиството на Нешкоски, се случија масовни антивладини протести. Демонстрантите беа насилно растерувани, некои тепани и приведени. Во потрага по нив, полицијата упаѓаше и во библиотеки.

„ВМРОВСКА РАБОТА“

Во една од „бомбите“ слушнавме разговор за предлог за новиот стих на „Едно име имаме“ – Независна или Демократска Република Македонија, а чинам и Горна. Стигнавме до „немаме ни за леб“. „А војна да имаме?“ – и тоа го слушнавме.

„Диво насеље“. И до ден денешен не се познати вистинските мотиви за овој крвав настан, кој лесно можеше да ескалира.

И додека Груевски изјавуваше дека се работи за опасни терористи, кои планирале вооружени напади низ земјава, БИРН објави изјава на анонимен висок преставник на Агенцијата за разузнавање : „Конфликтот во Куманово беше целосно организиран од нашата разузнавачка агенција. Тоа беше лошо организирано сценарио, кое на терен уште повеќе се влоши“. Во кумановско „Диво насеље“ загинаа 8 полицајци.

Неминовен епилог, во кој се вклучи и меѓународната заедница, беше формирањето Пржинска влада. Договорот од Пржино требаше да ја стабилизира државата и да се подготват, а по долго време, и да се спроведат демократски избори.

На почетокот на 2016 година, Груевски замина од премиерската функција, но не го напушти страста кон валканите трикови во политиката. „Вмровска работа“ што би рекол неговиот братучед.

Претседателот Иванов ги помилува сите „актери од бомбите“. На списокот на помилувани се најде и името на Коста Крпач, кој не беше меѓу живите. Аболицијата на Иванов предизвика немири. А требаше да биде поинаку по „Пржино“.

Иванов ја повлече аболицијата, а „Пржино“ доби „Пржино 2“. Европската комисија во својот извештај за Македонија, за првпат го употреби терминот „заробени институции“, а потоа и „заробена држава“.

На четвртите предвремени парламентарни избори, на крајот на 2016 година, Груевски со коалицијата доби 51 пратеничко место и го доби мандатот да формира влада. Но, стоеше на прозорецот од Белата палата и чекаше абер од Али Ахмети.

И самиот заборави на времето кога велеше дека не му се потребни тие гласови. Мандатот потоа го доби СДСМ. Груевски го повика народот да „не седи во папучи“.

Ден по овој повик се одржа протест со барања: да се прекинат разговорите со Грција, да се повлече Договорот со Бугарија и да се повлече Законот за употреба на јазиците. Тоа се чинеше како вовед за крвавиот упад во Собранието, на 27 април.

По „рекордни“ 171 ден, СДСМ формираше влада. Груевски побегна, а генералниот секретар Мицкоски стана лидер на „пресвлеченото“ ДПМНЕ и се соочи со пораз на парламентарните избори во 2020 година.

За изборната 2024, Мицкоски оди на подготовки. Самиот се пофали дека изборната програма ја подготвува со партијата што владее во држава, која му даде азил на неговиот поранешен шеф.

Не е тешко да се претпостави дека и со оваа партиска програма ќе се понудат како единствени патриоти и чесни домаќини, ама само ако добијат 61 пратеничко место.

Затоа оваа и претходната колумна нека потсетуваат на последиците од „вмровските работи“ со амин на бројот 61.

Слободата и демократијата мора да останат да живеат во Македонија. На државата ѝ треба проевропска влада, бидејќи, како што вели премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, огромно мнозинство од граѓаните сакаат држава-членка на ЕУ, сакаат младите да живеат во државата и сакаат сигурност за сегашните и за идните генерации.

Среќна 2024 и честит Божик!

(Авторката е заменик-претседателка на СДСМ)

Поврзани новости