Хирург фатен како бара мито на пациент во битолската Клиничка болница

by Fokus

Хирург и началник на Одделение во битолската Клиничка болница вчера бил фатен земајќи мито од 150 евра од пациент, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, хирургот најпрвин ги побарал парите на пациентот, кој подоцна случајот го пријавил во полиција и синоќа лекарот бил фатен со бележани пари.

Се очекува случајот денес да се најде во билтенот на Министерството за внатрешни работи.

„Фокус“ стапи во контакт и со новата директорка на болницата, доктор Ненси Лозанче, која ни ја потврди информацијата.

„Да, точна ви е информацијата. Ќе има и официјално соопштение од болницта“, истакна таа во изјава за „Фокус“.

Со потврда излегоа и од Основното јавно обвинителство Битола од каде истакнаа дека е поведена постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска  со став 3 и став 2 од Кривичниот законик.

“Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа.

Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство”, се наведува во соопштението од битолското обвинителство.

Ова не е прв ваков случај во Клиничката болница во Битола. Точно, пред една година жена болна од рак го пријави својот онколог дека и барал 350 евра мито за да и даде обична хемотерапија.

Скандалите во болницата не стивнуваат. „Фокус уште лани објави за хаосот кој се случува во битолската болница, која опслужува околу 300 илјади пациенти од регионот.

Лани, оваа болница ја „сардисаа“ бројни смртни случаи, а директори се менуваат речиси на секоја година. Инспектори на ДСЗИ влегоа неколкупати, а за починатото бебе се води и предмет во обвинителството.

На листата на контроверзии се и пијани доктори, болничари и медицински сестри, од кои некои биле фатени на дело, а, што е најстрашно, тоа се случувало за време на дежурство, па многумина од пациените беа ставени во опасност.

Со оглед на случувањата во болницата, за само три години се извршени вкупно 117 надзори.

Хаос во Клиничката болница во Битола: Починати бебиња, пијани доктори и сестри, обвинувања за кражби на лекови?!

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости