Сиљановска Давкова-Де Кро: Белгија со силна поддршка за македонските евроинтеграции

by Fokus

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Кралството Белгија, Александер Де Кро.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите беа македонските аспирации за членство во Европската Унија.

Белгискиот премиер Де Кро истакна дека нашата држава може да смета на силна белгиска поддршка, затоа што според официјален Брисел, земјата направила огромен напредок и сега на ред е Европската Унија да стори нешто.

Претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги добрите и пријателски односи меѓу двете држави, ја изрази потребата од интензивирање на комуникацијата на високо и на највисоко ниво.

Во контекст на пристапниот процес кон Европската Унија, претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата од отворање на преговорите за членство, со цел мобилизација на институциите и фокус на реформите и стандардите, особено на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Претседателката Сиљановска Давкова го нагласи очекувањето од македонска страна за фер процес на пристапување во ЕУ кој ќе ја почитува националната гордост на нашите граѓани и ќе се води на начин што длабоко не го вознемирува нивното чувство за национален идентитет.

Поврзани новости