Само за гаснење на пожарот во Будинарци се ангажирани повеќе од 500 лица, информира на денешната прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
– На лице место кај овој пожар имаме 130 пожарникари од Австрија со 52 возила, 45 лица од Словенија со четири противпожарни возила и 25 лица од Бугарија со пет возила. Покрај ова имаме повеќе од стотина локални пожарникари. Имаме повеќе од 130 припадници на полицијата. Припадници на армијата, припадници на „Национални шуми“, коишто исто така имаат противпожарна служба, нагласи Ангелов.
Тој потенцираше дека припадниците на „Национални шуми“ се обучени за гаснење пожари и имаат слецијални возила за таа намена, како и преипадниците на Дирекцијата за заштита и спасување, кои на лице место со специјални возила учествуваат во гаснењето на пожарот во Будинарци.
– Таму е сконцентрирана голема сила и сите тие заедно учествуваат во гаснењето на пожарот. Рано утрово хеликоптер на МВР, со пожарникари од Австрија и наши пожарникари направи извидување на теренот за да ги одредат приоритетните точки кои треба да се гасат, бидејќи гори и чади на неколку места. На лице место најверојатно дејствува армискиот хеликоптер, којшто веќе чекаше до Будинарци да заврши извидувањето за да добие квалитетни информации. Она што го добивме како помош од странство, максимално го користиме, рационално и организирано. Во секој еден момент точно знаеме колку луѓе од кои единици и од кои служби на која позиција се наоѓаат и која е нивната улога, наведе директорот на ЦУК.