Иранскиот народ на крајот ќе го надмине авторитаризмот наметнат од владата која ги загуби и легитимитетот и јавната поддршка, рече од затвор овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади во својот говор, кој денеска го прочитаа нејзините деца во Осло.
Нејзините деца, 17-годишните близнаци Киана и Али Рахман, денеска ја добија наградата, златниот медал и диплома на свеченоста што се одржа во Градското собрание во Осло, на која присуствуваа неколку стотици гости. Паричниот дел од наградата изнесува 11 милиони шведски круни или нешто помалку од еден милион евра.
Во говорот што го напиша во озлогласениот ирански затвор Евин, Мохамади вели дека континуираниот отпор и ненасилството се најдобри стратегии за постигнување промени.
„Иранскиот народ ќе ја надмине репресијата и авторитаризмот со својата истрајност. Не се сомневајте, бидејќи тоа е сигурно“, рече таа во својот говор.
Во октомври, норвешкиот Нобелови комитет и ја додели наградата за мир на Наргес Мохамади (51), за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и за промовирање на човековите права за сите, што е многу јасна порака до теократските лидери во Техеран.
Застапничката за правата на жените издржува повеќекратна казна. Против неа се подигнати бројни обвиненија, вклучително и обвинение во кое се товари за ширење пропаганда против Исламската Република, откако последен пат беше уапсена во ноември 2021 година.