Синот на познатиот Џелал Ајети-Џељо, кој ја основаше криминалната група „Беланоца“, паднал во рацете на полицијата за продажба на дрога и оружје. Фатљум Аети-Тоте бил осуден на 11 години затвор и бил во притвор. Но, кога се случи двојното убиство во „Шиша бар“, тој бил на слобода…
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Петнаесет дена по двојното убиство на еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила, кој настрада заедно со Енес Исеинов-Љаци од истата група, водачот на ривалската „Беланоца“, Фатљум Аети-Тоте заврши во притвор во Шутка. Но, не за двојното убиство што се случи во кафулето „Шиша бар“ под скопско Кале на 6 март, туку за трговија со дрога и оружје.
По убиството, двата ривалски кланови „Дуќанџик“ и „Беланоца“ на кратко се вратија во фокусот на јавноста. Тогаш воскресна и една акција на Министерството за внатрешни работи од 28 јули 2021 година, кога полицијата соопшти дека сузбила организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и оружје.
Меѓу осомничените бил и Аети, кој стана водач на „Беланоца“ по убиството на неговиот татко Џелал Аети-Џељо и по убиството на неговиот чичко Наим Аети.
Според МВР, членовите на оваа организирана криминална група подолго време продавале дрога и оружје, а во текот на истрагата полицијата и документирала неколку различни случаи на продажби.
Со наредби на судија на претходна постапка, полицијата направила претреси во домови и во други простории на 20 локации и биле уапсени 12 лица, сите од Скопје, а се трагало по уште три лица што биле дел од групата.
При претресите најдена и запленета била дрога, муниција, два пиштола, возила, од кои едно било блиндирано, девизи, денари, мобилни телефони и компјутерска опрема.
Меѓу дванаесетте уапсени, еден бил полициски службеник и против сите била поднесена кривична пријава до Обвинителството за гонење криминал и корупција.
Фатљум Аети, пак, бил меѓу трите лица по кои се трагало. Но, според неговиот адвокат Мирослав Вујиќ, Аети со месеци ниту некој го барал, ниту некој се обидел да го уапси. Полицијата го водела дека е во бегство, а тој бил дома и никаде не бил избеган.
По неколку месеци, односно во октомври истата година, Аети сам се пријавил во полициската станица Автокоманда во Гази Баба, свесен дека е осомничен и дека во затвор се негови блиски роднини и братучеди. По неговото пријавување во полициска станица, завршил во притвор во Шутка.
Но, потоа излегол на слобода, а по двојното убиство пак завршил во притвор. Деновиве му истекува триесетдневниот притвор…
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК