Јехуда Амихај, извонреден израелски поет, ќе запише: „Пелтечев, но откако научив да лажам, зборовите течат како река“. Со скромен напор за визуализација како на нашите „патриоти“, зборовите им „течат како река“, сами ми доаѓаат сликите од „Иде Дунав“
Пишува: Сања ЛУКАРЕВСКА
„На Шукара басмата отвори“. Некои го изговараат и Шукаре . Сеедно. Како и да го наречеме трговецот, „кваката“ е во басмата. Онаа со две лица.
Првото, по секое перење, басмата станувала сѐ подобра и подобра. А второто, бидејќи во тоа време се пазарувало на газиени ламби, дури утредента на муштериите на Шукаре им станувало јасно што купиле. И затоа, не бадијала се вели: не ми продавај басма за свила.
Па така, басмата, од шарена памучна ткаенина, меѓу народот стана употреблива и за карактерен опис на дволичен човек, на кој, кога ќе се раздени, му го гледаме вистинското лице.
СЕЗОНА НА ЛОВ НА ЛИСИЦИ
И се присетив на една колумна на почитуваниот професор Ѓорги Марјановиќ, во која, меѓу другото, ќе напише: „…Луѓето, пак, што до вчера се биеја в гради и се колнеа во својот македонизам, а како на Шукара басмата „отпосле отворија“ дека се Петтата колона на Мајка Болгарија, не ќе може уште долго да го вапсуваат народот како застапници на македонскиот национален интерес…“. Ама го вапсуваа. И уште го вапсуваат. И за крвта велат – боја е.
Јехуда Амихај, извонреден израелски поет, ќе запише: „Пелтечев, но откако научив да лажам, зборовите течат како река“.
Со скромен напор за визуализација како на нашите „патриоти“, зборовите им „течат како река“ , сами ми доаѓаат сликите од „Иде Дунав“.
Отворија како на Шукара басмата. Jа отворија и сезоната на „лов“ на лисици, онаа во магла. Зашто лисицата се смета за итра, но има мана што е кусогледа. Цената за „заловена“ лисица е по договор. Така е според ценовникот.
Туку, каде исчезна пантерот што шеташе по Војводина и кој подготвено го чекаа во Куманово? Како дојде, така замина. Дали се врати во Унгарија, никој не знае.
Не е тој единствениот што лесно ги минува границите. Минуваат дури и пластичните шишиња зашто ова е „Свет без граници“ меѓу две корици. А, нели, само за универзумот и за човечката глупост немаше граници?!
ГЛУПАВИТЕ И ЗЛОБНИТЕ
„Глупавите луѓе се поопасни од злобните“, ќе заклучи Дитрих Бонхофер, размислувајќи како неговата Германија од земја на уметноста станала земја на ужасот. Човек може да е интелектуално паметен, но, сепак, да е глупав, заклучил Бонхофер, зашто глупоста не е интелектуално нарушување, туку морално, и луѓето, под одредени околности, стануваат глупави, односно си дозволуваат да станат глупави.
Теоријата на Бонхофер е „создадена“ во најтемниот период од германската историја, кога „глупавиот човек станува способен да направи секакво зло, а притоа не може да препознае дека тоа е зло“. Обвинет за заговор против Хитлер, овој германски свештеник починал во концентрационен логор.
А опишани се и глупавоста, и злобата, и итрината, и добрината, и мудроста во басните на Езоп. Собирајќи ги и запишувајќи ги овие усни преданија, робот Езоп, всушност, ги сочувал народните приказни во кои главната улога ја имаат животните како персонификација на луѓето.
Дијалогот меѓу животните, всушност, е исмевање на нашите слабости, особено на човечката глупост и алчност. Секоја басна има порака, има поука. Еве неколку:
– Оние што сакаат да ни нанесат штета, нема да запрат, без оглед на нашите аргументи, зашто кој сака некого да повреди, секогаш ќе најде изговор за да го стори тоа (Волкот и јагнето).
– Човекот најнапред треба да направи план како ќе се извлече, а дури потоа да се вовлече во некоја ситуација (Лисицата и јарецот).
– И на најмоќниот некогаш ќе му затреба помош од најслабиот (Лавот и глушецот).
– За злобните луѓе, добрина е и да не ти нанесат зло (Волкот и чапјата).
Инаку, препорачливо е басните на Езоп да им се читаат на децата од најрана возраст.
Во спротивно, кога ќе пораснат, не сфаќајќи дека и водата е огледало, многу е веројатно да му р’жат и на сопствениот лик (Кучето и неговиот одраз во реката).
За подоцнежна возраст, препорачлива е приказната за Нарцис.
(Авторката е заменик-претседателка на СДСМ)