Штипската клиничка болница може да влезе во Гинисовата книга на рекорди на неостварени проекти, се „гради“ цели 16 години

Дури седум најави за изградба на болницата во Штип, роковите постојано се поместуваат, а повеќе од 200.000 пациенти од регионот никако не можат да добијат подобри здравствени услуги.

by Fokus

Пред секои избори, двете најголеми партии излегуваат со десетици страници отчет колку пари потрошиле за да ги подобрат работите во здравството и што сѐ имаат намера да се сработи и изгради во иднина.

Но, дел од крупните проекти се повторуваат во повеќе изборни програми, а нивната реализација никако да почне. Таков е примерот со неколкупати најавената изградба (реконструкција) на Штипската клиничка болница, чија последна сума е околу 42 милиони евра со ДДВ.

Таа слободно може да влезе во книгата за Гинисови рекорди на неостварени проекти. Но, да почнеме по ред – како се одвиваше целиот процес?

– Изборна програма 2006 – изградба на нова Клиничка болница.

– Предвремени парламентарни избори 2008 и 2011 – во програмата постојано се провлекува истото ветување.

– Во март, 2013 година, министерот за здравство Никола Тодоров најави дека реализацијата на проектот ќе почне кон крајот на годината.

– Во мај истата година од општината беше најавено дека е направен планот за изградба на штипскиот Клинички центар.

– На 17 ноември, по третпат истата година Тодоров и премиерот Никола Груевски најавија дека во февруари, 2014 година ќе почне изградбата на штипската клиничка болница.

– Година и пол подоцна, на 7 август 2015 година во просториите на Порта Македонија, министерот Тодоров повторно промовираше изградба на нов Клинички центар во Штип, чиј камен-темелник е планиран за октомври истата година, а доколку сѐ тече според плановите, изградбата требаше да заврши во август 2017 година.

Се смени власта. На министерското столче седна сега веќе поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој, пак, најави дека штипската Клиничка болница ќе биде изградена и пуштена во употреба до средината на 2020 година. Рокот повторно е пробиен, а работите тогаш продолжи да ги кочи опасниот ковид-19.

Ниту во последните две години ништо не мрдна од мртва точка.

„Изградбата“ на штипската Клиничка болница трае цели 16 години, роковите постојано се поместуваат, а повеќе од 200.000 пациенти од регионот никако не можат да добијат подобри здравствени услуги.

На местото каде што е започната, единствено можат да се забележат последните траги и остатоци од градењето. Наеднаш, се застанува!

Додека политичарите со години се фотографираат, еден, па друг со удирање на камен темелник и сечење црвени ленти, лекарите бегаат, а пациентите страдаат.

На сето тоа може да се додаде и најстрашниот проблем, поточно алармантниот недостиг на лекари од кој реално зависи животот на пациентите.

Според нашите информации, во последните 2,5 години штипската болница по сите основи останала без 70 вработени, поточно 20 лекари и 50 медицински сестри и административци. Па така, јавната здравствена установа од 550 се сведе на само 470 вработени.

Во последните две ипол години штипската Клиничка болница поради разни основи остана без повеќе од 20 лекари. Тука влегуваат и тие кои починале и тие кои се пензонирале. Како и да е, тоа е алармантна бројка, а од друга страна на нивно место не се донесени други лекари.

Ниту знам дали некој воопшто планира да вработува.

 

Ни фалат лекари од сите области, анестезиолози, педијатри, ортопеди, инфектолози. За да се надоканди недостигот, целиот персонал работи повеќе од што треба, односно наместо да дежураат на секој шести ден, тие дежураат на секој трети“, објаснува во изјава за „Фокус“, доктор Ален Ѓорѓиев, директор на болницата.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости