Посебни признанија од „Битолски Весник“ за монахињите Касијана и Ефимија од манастирот во Рајчица

by Fokus
Во свечен амбиент на битолската сала Вавилон, по 23. пат се одржа манифестацијата „Избираме најуспешни Битолчани за 2021 година“ во организација на Битолски весник, информираа од манастирот „Свети Гергиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, од каде две монахињи добија посебни признанија.
– Овој гала настан што се одржува во градот на конзулите, секоја година ги обединува сите оние граѓани кои доаѓаат од различни категории и професии – бизнис секторот, образованието, медицината, уметноста, културата, спортот и слично, кои го дале својот придонес во афирмацијата на Битола пред пошироките народни кругови, велат од манастирот.
Видната манифестација секоја година им доделува признанија на битолските граѓани кои со својата работа, превземените активности и личен пример се трудат да ја издигнат Битола пред очите на јавноста, правејќи ја жив и дејствителен град во кој борбата за подобро општество никогаш не престанува.
-Пред околу пет години и на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, од страна на претставниците на Битолски весник кои, всушност, се организатори на оваа прекрасна манифестација, му беше доделено признанието за „Трајни вредности“, што предизвика голем восхит кај битолчани, кои во него отсекогаш гледале сестран човек и афирматор на градот Битола, зашто тој навистина со својата духовна и социјална мисија е најочигледен пример за тоа колку пожртвуваност и истрајност ни е потребна на сите нас, нагласуваат од манастирот.
Посочуваат дека посебни признанија им беа доделени на монахињите Касијана и Ефимија од Раичкиот манастир, кои потекнуваат од градот Битола, а заради „нивниот придонес во духовниот, социјалниот, образовниот и културно-уметничкиот развој на децата и младите“.
За време на примањето на признанието, како израз на огромна благодарност кон организациониот одбор на Битолски весник, предводен од истакнатиот новинар Менде Младеновски и кон владиката Партениј, кој беше присутен на настанот, се обрати монахињата Ефимија.
– Би сакала да истакнам две нешта, а во контекст на благодарноста: Прво, дека во мојот живот сум добила повеќе формални признанија во различни области, но морам да кажам дека ова, кое доаѓа од моите сакани Битолчани, од Битолски весник, a е воедно со благослов на мојот старец, епископот Антаниски, г. Партениј, кој вечерва е тука заедно со нас, ми е многу драго. Второ, сакам да ја изразам мојата најголема благодарност ЗА и НА најважната личност во мојот живот – повторно нему, на владиката Партениј, кој ме воспитува уште од мојата најрана возраст, трудејќи се во мене да ги смести вистинските вредности, меѓу кои и најголемата – благодарноста. Старче мој, не само за ова, туку Ви благодарам за сè: за Вашата несебична поддршка во моето формално и духовно образование, за Вашата љубов, пожртвуваност, трпение, за вистината во која најпрвин самиот Вие доброволно избравте да живеете и во која сите нè повикувате. Тоа што сите овие луѓе го препознале во мене и го оцениле како добро е од Вас. Затоа ова признание Ви го посветувам Вам, рече во обраќањето сестра Ефимија.
Инаку, оваа година, раководството на Битолски весник им доделил признанија на повеќе од триесетина видни битолчани – доктори, политичари, професори, културни работници, новинари, спортисти – меѓу кои и на таткото на градот Тони Коња.

Поврзани новости