Бизнисмен од Кавадарци, кој долги години живее во Америка и има транспортна фирма ја купил зградата на пропаднатата Еуростандард банка во центарот во Скопје, беше вест која деновиве се објави во медиумите, а во Кавадарци ги подгреа гласините дека станува збор за бизнисменот Трајче Ристов – Зуко, сопруг на поранешната фолк пејачка Јасмина Мукаетова.
Околу тоа дека токму Ристов станал сопственик на имотот чија вредност е процента над осум милиони евра, кавадарчани коментираат и на социјалните мрежи, со образложение дека тој е успешен бизнисмен кој веќе неколку децении живее во САД и е познат како сопственик на транспортна компанија која функционира доста солидно.
Иако официјално не беше потврдено ниту од бизнисменот, ниту пак од стечајниот управник на Еуростандард банка, Маринко Саздовски, дека зградата е купена, работата отиде до таму, што некои од сограѓаните на социјалните мрежи дури и му честитаат на Ристов за зделката.
Сепак, во телефонски разговор со ,,Фокус”, Саздовски вели дека нема такво нешто и зградата се уште не е продадена.
-Зградата е огласена за продажба, уредно, според закон, а проценетата вредност и е околу 8,43 милиони евра. Утре е последен ден да се изврши уплата за учество од оние кои се заинтересирани за купување.
Јас денес не сум во Скопје, а информациите кои ги имам се дека до сега никој нема извршено уплата. Последниот ден да се изврши уплата за учество е утре, значи, сепак има време до утре, а износот за учество изнесува десет проценти од проценетата вредност.
Во вторник, на 20-ти декември ќе се организира јавното наддавање. Значи, зградата се уште не е продадена, и тоа дека ја купил бизнисмен од Кавадарци се само шпекулации- ни изјави стечајниот управник.
Инаку, Ристов кој се најде во центарот на вниманието на јавноста деновиве, во Кавадарци е познат и како општествено одговорен приватник. Минатата година кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за ,,Фокус” изјави дека Ристов донирал 2.500.000 денари за изградба на парк во градот.
Во 2019 година пак, Ристов, чија транспортна компанија успешно работи надвор од Македонија, од бизнис секторот доби општинска награда по повод празникот на градот, Седми Септември.
Во постаро интервју за ,,Фокус” неговата сопруга, Јасмина Мукаетова изјави дека и таа работи во семејната транспортна фирма, а поголемиот дел од нивните вработени биле по потекло од Македонија.
Вики Клинчарова