Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски е разочаран што премиерот Димитар Ковачевски ја одбил понудата со четири тимови со лица од партијата и од други експерти да ѝ се помогне на државата во справување со кризата и во поглед на преговорите со Бугарија.
Неговата изјава доаѓа по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со која побара средба со премиерот со цел да се разговара и за предвремени избори, што од страна на Ковачевски беше одбиено како тема.
-Мислам дека во моментов, Македонија е единствена европска држава која што се соочува со криза во која што власта одбива комуникација со опозицијата, што покажува дека единствена намера им е само продолжување на криминалните практики, рече Николоски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ нуди четири тима во четирите, како што рече, најгорливи области – економијата, надворешните работи и евроинтеграциите односно односите со Бугарија, здравството и образованието.
-Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ за четирите тима затоа што тоа е начин Македонија да излезе од оваа политичка и економска криза. И да порачам, доколку Ковачевски не е тој којшто ги носи одлуките во СДСМ и доколку не може да донесе одлука во СДСМ, спремни сме да разговараме во СДСМ со секој еден којшто тие ќе го посочат дека носи одлуки. Ако е Зоран Заев да разговараме со Зоран Заев, ако е Радмила Шекеринска да разговараме и со Радмила Шекеринска, рече Николоски.