368 компании влегоа во финалната фаза за финансиска поддршка од Фондот за иновации

by fokus

Вкупно 368 домашни компании продолжуваат во процесот на финална селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој. Проектите на компаниите што ја поминаа фазата на претселекција, ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти кое ќе ја донесе финалната одлука на кои предлог проекти ќе им биде одобрена финансиска поддршка.

Од 368. компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни. Повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои и Гостивар, Охрид, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово, Крива Паланка и Вевчани. Најголем дел од нив се од ИТ индустријата, по што следат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожна индустрија, земјоделието, а има и предлог проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот, велат од ФИТР.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е над 87 милиони евра, од кои 67 проценти или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33 проценти или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е пет милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.

Поврзани новости