На денешен ден во 1940 година е роден истакнатиот филмски и театарски глумец Ристо Шишков. Големиот актер, кој почина на 46-годишна возраст, и кој зад себе остави цела палета на улоги, иако цели 36 години не е помеѓу живите, сепак секогаш бил интересна тема за јавноста.
Освен по неговите улоги, актуелен беше и поради политичката хајка која му се случила, кога обвинет како националист заминал во затвор во 1980 година, а набргу по излегувањето, во 1986 година починал по кратко боледување.
И приватниот живот на Шишков предизвикувал големо внимание. Неговиот син Васил, кој почина на 44-годишна возраст од срцев удар во 2014 година, беше добро познат на јавноста бидејќи тргна по стапките на својот татко и со години пловеше во актерските води.
Неретко раскажуваше за детството без мајка, бидејќи таа го оставила кога имал само три години, и си спомнуваше за животот со татко му, големиот актер. Но, она кое можеби поголемиот дел од јавноста не го знае, е дека Ристо Шишков покрај Васил има и ќерка, Јоана, која ја добил во бракот со примабалерината на Македонскиот народен театар, Зоица Пуровска Велевска.
Токму за Јоана, Васил раскажа пред повеќе години, откривајќи дека многу ја сака, како нејзе, така и нејзината мајка која го одгледала.
-Не знам како да ја викам- дали по име, мамо или тетко… не ја чувствувам како своја мајка… таа само ме родила. Дваесет и шест години живеам без неа. Кога ми беше најпотребна, таа ме напушти. Понекогаш се прашувам- каква жена е таа? Дали заслужува да се нарече мајка?- зборуваше Васил за биолошката мајка, а потоа и за жената која го одгледала.
-Јас си ја сакам другата мајка…онаа со која пораснав, што ме одгледа, втората жена на татко ми, балерината Зоица Пуровска. Имам и сестра…неа никој не ја знае, а многу ја сакам, зашто е прекрасна личност. Таа е експерт за јазици. На шеснаесет години останав сам… ме одгледа улицата. Ги научив правилата и одлично играв…таа ми беше првиот факултет. Таа ме заглави, но и ме спаси- раскажуваше во интервју направено уште пред петнаесеттина години.
За разлика од Васил, Јоана ретко се има појавено во јавност и не тргна по актерските стапки на татко и. Она кое е познато за неа е дека пишува поезија. Таа ја промовираше книгата ,,Креативна бурлеска” во 2016 година, а две години потоа, во рамките на фестивалот на камерен театар ,,Ристо Шишков” во Струмица, промовираше книга со поезија ,,Крилести одаи”.
Тогаш промоторот на книгата пред присутните изјави дека Јоана преживува се што уметниците преживуваат во рамките на своето семејство, и истакна дека уметноста се раѓа со болка. По издавањето на втората книга, нема податоци околу тоа дали Шишкова продолжила со пишување.
До објавата на веста, не успеавме да добиеме одговор од неа на прашањата со што се занимава, како живее, и евентуално да сподели сеќавања од животот со татко и со јавноста.
Вики Клинчарова