Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков сепак останува зад затворски решетки, иако претходно Апелација му ја прифати гаранцијата и требаше да излезе од притвор, којшто му беше определен за случајот “Трезор”.
Пo ваквата одлука обвинителката Лиле Стефанова веднаш побара нов притвор за Мијалков за случајот “Плацеви на Водно”.
Вечерва Кривичниот совет одржа седница и го прифати предлогот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор во предметот „Плацеви на Водно“ во којшто Мијалков е исто така обвинет.
-Кривичниот совет по добивање на предметот, одржа седница и донесе решение со кое го прифати предлогот на Јавниот обвинител и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Советот смета дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1, односно дека постои Опасност од бегство, соопштија вечерва од Кривичен суд.
Обвинетиот има право на жалба пред Апелацискиот суд.