Немам зборови за насловната на неделник, чиј основач беше и остана легенда. Насловната е чиста дезинформација и манипулација, напиша на својот Фејсбук Џабир Дерала, прв човек на невладината „Цивил“, коментирајќи ја насловната на неделникот Фокус на којашто е лидерот на Левица, Димитар Апасиев со наслов „Патот на Апасиев од „шарен“ револуционер до македонски Че Гевара“.
Фокус стапи во контакт со Дерала и го прашавме дали го прочитал целиот текст од којшто произлегува насловната страница и што е манипулативно и дезинформира.
-Го прочитав текстот, мојот коментар се однесува на насловната, ни рече Дерала. На нашето дополнително прашање со што според него насловната манипулира и ја дезинформира јавноста, тој кратко одговори: -Мислам дека е повеќе од очигледно.
Фокус во најновиот број објави текст односно своевиден профил на лидерот на Левица, Апасиев кој на последните локални избори имаше најголем раст на гласовите и чија популарност расте на сметка на големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
За него свои видувања и коментари дадоа неговите поранешни сопартијци, Ана Глигорова, поранешен член на Президиумот на Левица и сегашен граѓански активист, Здравко Савески со кого водеа судска битка за партијата Левица и политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски.
Исто така беа издвоени дел од неговите контроверзни Фејсбук статуси, но и неговите кавги со собранискиот спикер, Талат Џафери кој го нарекува Че Гевара зашто Апасиев секогаш има нешто „процедурално“ во Собранието.
Целиот текст за Апасиев може да го читате во електронското издание на неделникот Фокус.