ФОКУС: Во претходните броеви разговаравме за негативниот импакт што една деловна активност може да го има кон животната средина. Каков е случајот кога станува збор за социјалното влијание кое компаниите го имаат на вработените или на клиентите?
Александар ТОДОРОВ: Освен што една компанија може негативно да влијае врз животната средина, истото се случува и кога станува збор за влијанието кон општеството. Влијанието што една деловна активност може да го има кон вработените, соработниците, клиентите или општественото опкружување е битно соодветно да се процени, особено кога станува збор за потенцијално несакано негативно влијание. Овде станува збор за разни инцидентни ситуации, кои резултираат со тешки повреди на вработените или смртност на работното место. Ова често е резултат на несоодветни работни услови, неприменување мерки на безбедност и неупотреба на соодветна опрема за заштита при работа или недоволна обука и квалификација на вработените за да ја изведуваат својата работна задача. Како резултат на овие причини среќаваме компании во Македонија кај кои степенот на зачестеност на повреди на работното место е повисок за разлика од другите. Освен можнoто негативно влијание врз вработените, значајно е и влијанието што една дејност го има кон своите клиенти или поширокото опкружување. Тука спаѓаат дејностите што нудат услуга или производ, кои имаат потенцијално негативни општествени последици, како на пример игрите на среќа или тутунската индустрија.
ФОКУС: Кои се мотивите една банка да го провери степенот на мерки што компаниите ги преземаат за да осигураат безбедносни услови при работа и има ли начин како банките да го проверат тоа?
Александар ТОДОРОВ: Внимаваме средствата што ги пласираме да завршуваат во компании што почитуваат стандарди за заштита на здравјето и безбедноста при работа на своите вработени, но и внимаваат на релацијата со своите клиенти. Оваа проверка опфаќа редовно следење на нашите клиенти од аспект на настанати инциденти што завршуваат со тешка повреда или смртност на работното место. Преку ова сакаме да разбереме дали причината за инцидентот е изолиран случај или недостиг од применети мерки на заштита и безбедност, а со тоа и кој би бил ризикот од тие да се случат повторно. Од она што е досега наше искуство, најчести типови дејности со зголемен ризик од повреди при работа се градежништвото, метало-преработувачката индустрија, но и генерално работните места што управуваат со машини за работа.
Се разбира, следењето на клиентите од овој аспект не е едноставно, па од овде Прокредит банка има воведено клаузули во сите договори според кои ги обврзува своите клиенти да ја известат банката за евентуалните инциденти што настанале. По известувањето од клиентите или секако по добиената информација од други извори, банката ги разгледува деталите на инцидентот. Во зависност од случајот, ако банката утврди потреба, се изготвува посебен извештај со кој банката го опишува инцидентот и неговите причини и носи одлука или за целосно прекинување на соработката или за дефинирање критериуми под кои би се продолжила релацијата со клиентот. Најчесто станува збор за различни типови мерки, како што се: воведување редовна обука за управување со алат, носење заштитна опрема, користење противпожарна опрема, протоколи за соодветно раководење и складирање запаливи материи, мерење степен на загаденост и бучава во просториите и друго.
ФОКУС: Може ли да се случи да прекинете соработка со клиенти кај кои се утврдени редовни инциденти по основ на здравјето на вработените или проценувате ризичен импакт кон нивните клиенти?
Александар ТОДОРОВ: Доколку се утврди дека степенот на имплементирани практики за безбедност и здравје при работа е на ниско ниво и притоа постои редовен ризик од можни повреди на работното место, во таква ситуација тоа би преставувало проблем во идната соработка со одреден клиент. Во соработката каде што е неопходно или каде што имало инциденти, овие наши барања ги изразуваме преку дополнителни услови, кои се дел од договорот за кредит, со што ја условуваме нашата соработка со степенот на безбедносни мерки што се применуваат во компанијата. Конкретно во ситуација кога ќе добиеме информација за настаната несреќа на работното место, собираме податоци за случката или од официјалниот службен извештај или подготвен од екстерна фирма ангажирана од нас, која ќе направи проценка на социјалните и еколошките ризици на работата на компанијата. Врз база на собраните информации добиваме слика дали несреќата е резултат на небрежност или ниско ниво на безбедност, поради што нашиот деловен однос ќе зависи од воведување идни превентивни мерки од страна на клиентот. Таму каде што не сме имале разбирање со клиентите, тоа резултирало во целосен прекин на соработката. Во друга ситуација, кај неколку потенцијални клиенти, каде што од јавно достапните информации забележавме дека зачестено се јавуваат и се повторуваат повреди на работното место, одлучивме дека не постои простор за соработка поради зголемениот ризик по безбедноста и здравјето на вработените, и покрај тоа што станувало збор за финансиски стабилни компании.
Со овој начин на дејствување, ние во Прокредит банка даваме свој придонес за почитување и подобрување на условите при работа бидејќи веруваме дека кога станува збор за применување или финансирање одржлив развој, социјалната компонента е нераскинлив дел од него и подеднакво важен со економските перформанси што компанијата тежнее да ги оствари и односот што го има кон животната средина.
Александар ТОДОРОВ – Заменик директор на филијала за Средни клиенти