32 отсто од полнолетното население во земјава има примено барем една доза вакцина

by fokus

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено во сите градови низ државата. Се вакцинира населението над 16 годишна возраст и без закажан термин. Според информациите од Министерството, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.

-Заинтересираноста за вакцинација помеѓу граѓаните и натаму расте. Вакцини има доволно, повикуваме на што поголемо вклучување во процесот на имунизација на населението со што заеднички се стремиме кон спречување на проширување на новиот сој на вирусот, потенцираат од Министерството за здравство.

Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија 51 процент и Кавадарци 50.3 отсто, каде половина од населението е веќе вакцинирано. Во Охрид 48.1 отсто од охридските жители се вакцинирале со прва доза, а по нив во 47.9 проценти од населението кое живее во Неготино и околните места. Граѓаните на Битола и Ресен се вакцинирани со барем една доза во процент од 46.3 отсто и 46.7 проценти. Понатаму, процентите на опфатеност со барем една доза на вакцина опаѓаат во Берово 44.1 отсто, Пехчево 43 проценти, Штип 43.1 отсто и Валандово 40.5 отсто, наведуваат од Министерството.

Помеѓу 30-40 отсто има опфат со вакцинација со барем една доза во градовите Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип. Помеѓу 20-30 проценти има опфат со вакцинација со барем една доза во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш, а 19.9 отсто опфат во Гостивар.

Поврзани новости