Стево Пендаровски е заедничкиот претседателски кандидат поддржан од триесетина партии предводени од СДСМ и владината коалиција. Натпартискиот кандидат Пендаровски поддршката ја доби синоќа на средбата со партиите од коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.
Одлуката за да биде конечна треба да биде верификувана од органите на одлучување на секоја од партиите и СДСМ тоа треба да го сторат на закажаниот за утре партиски конгрес во Скопје.
Премиерот Зоран Заев по средбата рече дека ова е историска одлука за Република Северна Македонија.
– Почитувани граѓани се обединивме повторно сите Македонци, Албнаци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Првпат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите позади Стево Пендаровски. Надпартиски, европски, граѓански, пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави премиерот.
Посочи дека вечерва 31 политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.
Алијансата за Албанците и БЕСА, претходно соопштија дека ќе ја поддржат номинацијата на амбасадорот и универзитетски професор Блерим Река. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа како свој официјални кандидати за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Потписи за кандидатура собираат уште неколку претенденти за функцијата претседател на државата.