30 години членство во ОН (2) Прилози кон историската вистина: Од хаос во парламентот, до членство во ОН

by Фокус

Пред портите на ОН, Глигоров одигра на сигурно – подобро врабец во рака отколку гулаб на гранка, го заобиколи парламентот и ја внесе државата во светската организација на држави. Иако останувам на мислењето дека улогата на претседател е да гради единство во државата и дека требаше многу повеќе да се вложи во остварување на таа задача, реалноста и мене ми одржа една лекција. Дека некои работи во политиката, сепак, не се можни: како единство меѓу Македонците.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Последниот обид некако да ја придобијам пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се обединиме и да донесеме заедничка одлука пропадна.

Пропадна од две причини, кои требаше да ги знам како автор на првиот учебник по Современи политички системи на Правниот факултет во Скопје.

Првата, дека на пленарна седница на парламент не се става предлог пред тој да се усогласи на комисијата за надворешна политика и пред да се разговара со водството на опозицијата.

За првото, се чини, немаше време, а второто му го предложив на претседателот Глигоров.

Тој му се јавил на претседателот на парламентот Стојан Андов за да се консултира околу мојата идеја, пред пленарната седница, да зборувам со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Андов, ми вели претседателот Глигоров, му поставил едно принципиелно прашање, нели тогаш треба такви состаноци и со другите пратенички групи, и сѐ се заврши на тоа.

Часовникот буквално и отчукуваше, а големите сили, кои ја држат рамката на светската политика секаде, па и во ОН, бараа одговор: ја прифаќаме ли референцата или останувате вон светската организација? Немав друг избор, освен бос да влезам во „змијарникот“.

По мојот говор настана една хаотична ситуација, во која беше јасно, секој говореше според однапред подготвено излагање, па никој од партијата на македонските националисти не се осврна на фактите и аргументите изнесени во мојот говор.

САМ ВО „ЗМИЈАРНИКОТ“

Да се урне владата беше мотото, па макар паднала на колена државата, која со тешки маки се обидуваше да се исправи и да го направи спасоносниот чекор кон најголемиот успех во нејзината историја – членство во ОН.

Седејќи така во првите клупи на парламентот, без присуство на претседателот или кој било од владата, со завист ми навираа слики од американскиот конгрес и настапите на нивните министри за надворешни работи: седницата почнува во 10 часот; неколку изрази на пријателство кон сослушуваниот министер, најчесто проследени со пријатна шега; потоа сериозен дијалог меѓу сенаторите и државниот секретар, со несогласувања, но и со согласувања; потоа пауза во 11 за чај или за кафе; па продолжување на дебатата до 12, кога завршува сослушувањето.

Резултат: по два часа дебата, сенаторите и американската јавност се начисто со фактите на двете страни и со предлозите за решавање на проблемите.

Кај нас, пак, пратениците се редеа, ли се редеа… Некои, тукушто дојдени, можеби од дома, одморени се фрлаа врз говорницата, други, со по некоја чашка ракија од бифето на собранието веќе беа загреани за дискусија…

Во некаква пауза одам во валканиот тоалет, кој, во тие вечерни часови, интензивно смрди на урина.

Излегувам од кабината и го гледам младиот лидер на опозицијата, кој пред малку одржа говор и кој траеше безмалку цел час, како пие вода директно од чешма. Аспирин, седатив…?

Ја крена главата од чешмата, погледите ни се допреа и немо се разминаа. Немаше што да се каже – секој заробеник на своите идеи.

Верувале или не, седницата траеше два или три дена, веќе не се сеќавам, а јас сѐ повеќе се чувствував дека сум на крајот од силите.

Се присетив на еден разговор со пилотите на владиното авионче, кои зборуваа за летен одмор и за задолжителен зимски одмор на планина.

Да се биде во воздух цела година било штетно по здравјето. „Па јас сум две години во воздух, а не сум бил ни на летување, а камоли на зимување“, им велам.

Не одговорија, пилотите само се погледнаа. Тукушто вратен од Њујорк од една прилично истоштувачка серија состаноци, згрчен во собраниските клупи веќе неколку дена, сфатив дека е ова многу штетно за мене.

„НЕОТПОВИКЛИВА“ ОСТАВКА

Не, не од политичка, туку од медицинска гледна точка. Во арапскиот свет имаше една поговорка, која гласи: „последната сламка ѝ го скрши грбот на камилата“. Сламката во тие вечерни часови беше говорот на еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој изнесе серија интриги, вклучувајќи ја и таа дека сум потплатен од некаков грчки бродосопственик за да работам во грчки интерес.

За мене, целата дебата, ако воопшто може да се нарече тоа дивеење така, стана тотално бесмислена. Како што велеше мојот професор Фрањо Бачиќ, јас им зборував за планети, а тие мене за патлиџани.

Притоа, одеа на лични навреди со цел да испровоцираат, да изнервираат, да понижат… Ги собрав хартиите пред мене, излегов од Собранието и повеќе не се вратив во него. Решив веднаш да поднесам оставка.

Утредента, на продолжението на седницата, која ја следев на телевизија, настана уште поголем лом во парламентот.

Клупите за членовите на владата беа полни со очигледен договор на партиите на власт дека мора да ѝ се парира на опозицијата. Но, сето тоа што се случуваше немаше врска ниту со надворешна политика, ниту со демократска процедура, ама воопшто.

Тоа беше една свирепа и недолична битка за власт полна со закани и со навреди, во судбински моменти за државата. Распаметени луѓе се качуваа и слегуваа од говорницата како во транс.

Буквално така. Со образложение дека како непартиска личност не можам да водам битка на два фронта, дома и надвор, и дека сега останува на партиите да ги предлагаат и да ги носат надворешно-политичките одлуки, поднесов писмена оставка до премиерот.

Мојата оставка беше објавена, со еден додаден збор од некого: „Неотповиклива“, а јас само напишав „Оставка“.

Како сите да сакаа да се обезбедат дека нема да се вратам. Конечно власта и опозицијата постигнаа согласност за нешто.

Претседателот Глигоров не ми се јави, како што не ми се јави ни премиерот Црвенковски, со кого едвај се познавав. Ги повикав од внатрешни да дојдат по специјалниот црвен телефон инсталиран во мојот дом. Надвор од политиката почувствував олеснување.

Следниот ден, ослободен од тешката и задушлива политичка атмосфера на хаотичните македонски државни институции, по истрчаните осум километри покрај Вардар, лесно се движам кон својот кабинет на Правниот факултет во Скопје.

ПРИЕМ ВО ОН

Во холот среќавам еден постар колега, правник и неуморен критичар на мојата надворешна политика, кој прашува:

„Слушам си поднел оставка… Што се случило?“.

„Зар не ја следеше на телевизија седницата на парламентот сношти“, го прашувам.

„Не. Ниту гледам, ниту читам, ниту ме интересира“, ми одговара тој.

„И, што стана, зошто поднесе оставка?“, прашува човекот, кој никогаш не разбра дека најлоши дипломати се фанатици и правници.

Првите, затоа што никогаш не го менуваат мислењето, ама одбиваат и да ја сменат темата на разговор, а вторите зашто мислат дека со правната норма може да се смени политичката реалност.

„Друг пат ќе ти кажам, брзам“, велам, а тој млако одмавнува со раката и продолжува.

Не брзав никаде. Ја земам факултетската пошта, седнувам на бирото во мојот мал кабинет, читам и, со извесно чудење, заклучувам дека највозбудливото нешто во животот на моите колеги професори е претстојната прослава на Осми март, Денот на жената!

На прослава не отидов. Го викнав новиот министер за надворешни работи, Стево Црвенковски, кадар на партијата на македонските либерали, со кого се знаевме од детство, но не станавме блиски пријатели, детално му ја објаснив целата ситуација околу приемот и го охрабрив.

Тоа беше еден вид примопредавање на должноста во пријатен домашен амбиент. Новиот министер замина во Њујорк, придружуван од старата гарда дипломати, Насте Чаловски и Иван Тошевски.

Бидејќи ние не можевме да дојдеме до заеднички став околу нашиот прием, нашите емисари отидоа да го слушнат ставот на големите сили.

Им го кажаа тоа што го знаевме: прием во ОН под референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ и резолуција на Советот за безбедност, што нѐ обврзува на изнаоѓање заемно прифатливо решение со Грција околу името на државата.

Македонските политичари сега можеа да бидат спокојни: имаа алиби дека тие не направиле „предавство“, како што обвинуваа националистите. Изразија одлучно несогласување со ова решение и државата си го зазеде местото во Обединетите нации. Ова мислам дека е одлучно согласување.

ПОЛИТИКАТА МУ БЕШЕ ВО КОСКИТЕ

Сончев мартовски ден, 1993. Качувајќи се угоре до петтиот кат, во зграда без лифт, се мачев со железната боца што ја зедов од пумпната станица во Бутел, зашто само таму имаше плин.

Ме извикаа во ходникот да побрзам зашто, на телефон, ме барал претседателот Глигоров. Му го честитав големиот ден, приемот во ОН, а тој мене ме прашува: „Денко, ќе дојдеш ли вечер на свеченоста“, потоа прави една мала пауза, па продолжува „Па, ние ова заедно го направивме“.

„Се разбира дека ќе дојдам, претседателе“, му одговарам. Качувајќи се по скалите на парламентот со Мирјана, забележувам дека телевизиската камера многу внимателно го снима моето доаѓање, прекинува, брза напред и потоа чека да го снима гушкањето со Глигоров. „Се израдував што те видов на телевизија со Киро“, утредента ќе ми рече на телефон мојот стар професор Цанко Христов, „замисли се зборува дека сте се скарале“.

Таква опасност немаше. Во една пригода, Раиса ќе каже за својот сопруг Михаил Горбачов дека политиката му била во коските. Мислам дека истото може да се каже за нашиот прв претседател.

Целиот живот го помина во политиката, а за некој да се одржи и да се искачи до самиот врв на тој лизгав јарбол, морал да има „канџи“.

Што и да било во минатото, Глигоров го внесе целото свое искуство од политиката во борбата за меѓународно признавање на македонската држава, притоа одбивајќи да биде вовлечен во војна и да заигра на картата на македонскиот национализам.

Насамо, знаеше да ме пофали за некоја моја изјава во прилог на рамноправноста на Албанците и веруваше во неа, но јавно мораше да „балансира“ со изливите на македонски национализам.

Кога по првите демократски локални избори се соочил со разјарените Македонци од Тетово и од Гостивар, кои ги изгубија изборите и мораа да отстапат од своите функции, се реши да ги поништи изборите и да воведе некаква привремена принудна управа до смирувањето на страстите.

Согласно моќта на својата држава, секогаш одеше чекор зад настаните во федерацијата. Следејќи ги внимателно, постапуваше согласно интересите на народот и на идната самостојна држава, признание кое подоцна јавно, со истите зборови, му го оддадоа и Кучан и Месиќ.

ГЛИГОРОВ ОДИГРА НА СИГУРНО

Уште во времето на комунизмот се издвојуваше од многу други политичари по својот такт и интелигенција, кои подоцна ќе ги стави во служба на независноста на државата, свесен и за маките што нѐ чекаат оставени самите на себе.

„Сега Грција ќе нѐ дави како змија жаба“, ми вели по прогласувањето на независноста. И двајцата знаевме дека членството во ОН и независноста се само првиот, иако најважен чекор, во борбата за опстанок на државата.

Разликата беше што јас можев јавно тоа да го кажам и да го напишам, а тој мораше да го бодри својот народ.

Притисокот што му го вршев за брзо решение на спорот со Грција, стоички го трпеше. Но, тој мораше да ја земе предвид и домашната реалност, која беше против компромис за името.

Се колебаше зашто ако тргнеше отворено во таа насока, ќе загубеше секаква домашна поддршка, а државата ќе загубеше авторитет, кој, во некоја смисла барем, беше почитуван од сите.

Ако за ништо друго, тогаш поради искуството и годините. Сигурен сум дека не му било сеедно кога решив да се разделиме.

Читајќи некакво интервју за хрватско списание години подоцна, кога му престана вториот мандат, останав замислен од убавите зборови што ги кажа за мене.

Пред портите на ОН, одигра на сигурно – подобро врабец во рака отколку гулаб на гранка, го заобиколи парламентот и ја внесе државата во светската организација на држави.

Иако останувам на мислењето дека улогата на претседател е да гради единство во државата и дека требаше многу повеќе да се вложи во остварување на таа задача, реалноста и мене ми одржа една лекција.

Имено, дека некои работи во политиката, сепак, не се можни: како единство меѓу Македонците.

НАСМЕАН ДЕН

Атентатот, кој, за малку, ќе го чинеше живот, беше страшен доказ за тоа во какви околности Киро Глигоров се нафати да биде претседател на државата.

И да остане два мандати дури и по болничката рехабилитација, токму како што ми кажа на почетокот на нашата двегодишна одисеја: „Денко, јас и ти ќе останеме два мандати“, рече еднаш, нешто што би ви го кажал секој вистински политичар.

Јас, пак, гласно се засмеав зашто, под товарот на одговорноста и без „политички имунитет“, мене секој ден ми беше година.

Признавам, одејќи накај салата за прием во собранието на Македонија, во која се славеше членството во ОН, за момент ми стана непријатно заради луѓето околу мене, кои ме гледаа со љубопитност слична на сожалување.

Ја совладав непријатноста и се слеав со масата, која водеше накај вратата, сите со испружени раце кон претседателот, да му ја честитаме големата победа – членството на Македонија во Обединетите нации.

Тоа беше добар ден за Македонија. „Насмеан ден“ би рекол татко ми Владо, кој вака наслови еден свој расказ во неговиот партизански литературен опус, а почина во 1984 година во Струга, и не беше сведок на времето што го опишав.

Време кога уште еден АСНОМ-ец примаше честитки за нова победа на генерацијата што ја создаде македонската држава и го прогласи раѓањето на македонската нација во 1944 година.

Поврзани новости