Доскорашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска треба да сведочи на рочиштето за случајот „Монструм“. Заев за сведок е предложен од обвинителството, но тој да се појави во судот побараа и родителите на убиените момчиња.
Во судница ќе биде пуштена и снимката од собраниската седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро во 2012 година.
Во судница како сведок денеска треба да се појави и Звонко Костовски, односно еден од свиркачите кој ја обелодени аферата со нелегалното масовно прислушување во УБК.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Судскиот процес го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Валентина Вурмо