Воскопулос Филипов: Наместо Mакедонија, Грција треба да го смени името на грчкиот регион Македонија

by fokus

Наместо Република Македонија да го менува името, тоа треба да го направи Грција за грчкиот регион Македонија. За тоа имам пет предлози, пишува на својот фејсбук-профил Павле Воскопулос Филипов, еден од водачите на Виножито, партијата на Македонците во Грција.

За надминување на разликите околу името на нашата држава, Воскопулос ги предлага следниве имиња за грчкиот регион Македонија:

1. Грчки географски регион

2. Географска грчка Македонија

3. Грчка Македонија

4. Грчка историска Македонија

5. Регион грчка Македонија.

„Во обидот да се најде компромис ќе беше праведно и конструктивно да се предложат имиња за географската област на Северна Грција за да има чиста и јасна разлика од РМ како што бара грчката страна”, пишува Воскопулос.

Тој вели дека Грција има два проблеми со името на Република Македонија:

„Со државноста, отсликана во македонштината на највисоко ниво во една организирана држава, каде македонскиот национален идентитет е на врвот – целосна еманципација преку независна држава, Република Македонија. Грчката компонента на грчкиот „мит национална историја“ е дека Македонија (регионот) е грчка земја, дека жителите се грчки народ… Со засилување преку македонските државни институции, во независната држава Република Македонија, се тресе грчкиот став-мит со децении создаван во Грција. Овој феномен (македонска држава на Балканот), мора да ја тера Грција во внатрешна реформа, кога станува збор за грчкиот национален идентитет, барем делумно, оти грчкиот е поврзан со македонската компонента развиена во оваа држава по 1913 година.

Постоењето на независна Република Македонија, просперитетна држава, носител на македонштината, ќе има индиректно влијание на македонското веќе полуасимилирано население во северна Грција. Логично е Македонците да бараат малцински права, што е кошмар за грчкиот естаблишмент. Ово беше речено на важната средба на политичките лидери во Грција на почетокот на ’90-те и првите чекори за независна Република Македонија.

Ова е сржта на грчкиот проблем. Затоа Грција очајно пробува да ја спречи целосната македонска национална и државна еманципација, признавање и почитување на македонскиот национален идентитет, напиша Васкопулос.

 

Поврзани новости