Обвинителството за организиран криминал и корупција трага по кртот кој го изнесе во јавност записникот од исказот на бизнисменот Орце Камчев, сведок во истрагата за „Рекет“. Обвинителката Вилам Русковска исто така проверува и дали се истечени и други материјали од истрагата, бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна на прес конференициа држејќи листови во рака ја уверуваше јавноста дека ги поседува записниците од сите сведочења и вештачења за „Рекет“.
-Обвинителството презема дејствија за утврдување како материјални докази што се дел од истражната постапка се нашле кај одредени лица и медиуми. Уште со објавување на првиот записник од сведок, обвинителството започна постапка за расветлување на случајот, односно како, од каде и на кој начин записниците допреле до јавноста, со оглед на тоа што записници за кривични пријави, како и записници од искази на лица сослушани во својство на сведоци во предистражна и истражна постапка не се даваат на никого, туку остануваат во предметот.
Копија од овие записници се доставува до судот по донесена наредба за спроведување на истражна постапка и предлог за одредување на мерката притвор, со цел судијата на претходна постапка да има увид со какви докази располага обвинителството при носење на Наредбата за истрага, како и дали барањето за определување на мерката притвор е оправдано, одговорија од обвинителството за „Фокус“.
Во обвинителството прашавме и дали Мицкоски бил повикан за да одговари од каде ги добил записниците, но оттаму не ни одговорија директно на прашањето.
-Кој, во кое време и во какво својство ќе биде повикан во обвинителството, оценува надлежниот јавен обвинител кој раководи со предметот имајќи ги предвид дотогаш прибраните материјални и вербални докази, велат од обвинителството.
Валентина Вурмо