Пинг-понг со амнестијата во Кривичен суд, судијката Кацарска дава отпор

by fokus

Сѐ уште не е познато кој ќе одлучува по барањата за амнестија поднесени од обвинетите за „27 април“, дали Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска или Кривичниот совет. Во моментот во Кривичниот суд се игра пинг-понг, односно двете инстанци си ја префрлаат надлежноста, а до крајот на денот претседателот на судот, Иван Џолев, ќе пресече.

Во моментот до судот се пристигнати 27 барања за амнестија од обвинети за насилниот упад во Собранието за „27 април“, и 30 други барања од останати предмети кои се водат за овој настан.

Како што претседателот Џолев истакна на денешниот брифинг, неговото лично мислење е дека Кривичниот совет е надлежен за предметите за кои веќе има пресуда, а за предметите кои се во тек, како „27 април“, надлежноста да ја има судечкиот совет, односно судијката Кацарска.

-Во спротивно би се извршил упад во независноста при носењето на мериторна одлука, вели претседателот Џолев.

Тој признава дека судијката Кацарска дава отпор, односно смета дека таа не треба да ги носи одлуките за тоа кој ќе биде амнестиран, но потенцира дека на крајот тој ќе пресече, односно ќе донесе одлука која ќе мора да се почитува.

Рокот за поднесување на барања истекува денеска, по што истите ќе бидат испратени во обвинителството за мислење. И тука доаѓаме до спорен член од законот бидејќи судот има рок од пет дена да одлучи по приемот на барањето, а од друга страна нема рок во кој обвинителството ќе го даде мислењето.

-Барањето од став (1) на овој член се поднесува во рок од 5 (пет) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката, кој го носи решението во рок од 5 (пет) дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител, пишува во Законот за амнестија.

Мислењето кое ќе го даде обвинителката Вилма Русковска нема да биде обврзувачко за Кривичниот совет или за Судечкиот совет, во завиосност од тоа кој ќе одлучува.

В.В.

Поврзани новости