Министерот за финансии, Драган Тевдовски трча на ултрамаратонот, односно трката во планинско трчање, наречена ,,По стапките на Крали Марко’’. Познатиот атлетски настан се случува во Прилеп и неговата околина, познат во светот како Патеките на Крали Марко, и започна вчера.
Во неговиот склоп има повеќе трки, како патеката Трескавец, на 16 километри, патеката Камена Баба, на 31 километар, на која е пријавен и моментално трча министерот, патеката Козјак на 65 километри, и патеката Крали Марко Ултра, на 110 километри. Има и детска трка, на еден километар. По стапките на Крали Марко е најголема трка во планинско трчање во Македонија.
Трката наречена Патеката Камена Баба, која започна денес во 10 часот, и на која трча министерот, води до манастирот Трескавец, а потоа продолжува по карпестиот пат до селото Дабница. Оттаму се искачува на ридот Кукул, каде се наоѓа локалитетот Камена Баба, и се упатува кон Прилепско Езеро. Потоа, се оди назад, се заобиколува Кукул и локалитетот Камена Баба, се упатува кон седлото ,,Наковална’’ и се префрла на северната страна на ридот позади Маркови Кули. Од таму, трката се враќа во Варош.
Камена Баба спаѓа во една од потешките трки, и на неа се пријавиле 146 атлетичари од целиот свет. Министерот трча со реден број 525 и е пријавен во стартните листи како дел од школата за трчање Nike + Run Club. На патеката од 16 километри се пријавени околу 170 учесници, на патеката од 65 километри исто околу 170, додека на најголемиот предизвик, патеката од 110 километри има 44 атлетичари.
За сите пријавени учесници постојат повеќе правила. Треба да имаат стекнати способности за самоодржување во планински услови, справување со климатски промени, како магла, дожд, снег, ниски температури, средби со диви животни, да можат да се справат со изолација, и физички и ментални проблеми, да се свесни за опасностите од натпревар во природа, но и да имаат направено стрес тест еден месец пред натпреварот, за да си го утврдат степенот на физичка подготвеност за ваков тип на натпревари, каде се бара голема издржливост.
Тевдовски и пред две недели учествуваше на маратон во Охрид, каде истрча 30 километри, а трката ја посвети на лицата со ретки болести. Тогаш, тој стигна на целта по трчање од два часа и 44 минути, и го освои педесет и седмото место.
Овојпат, бидејќи се работи за доста понапорна трка во планински услови, учесниците на патеката Камена Баба имаат лимит од осум часа да стигнат до целта.
Вики Клинчарова