Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, денеска преку соопштение, призна дека во текот на вчерашниот ден извршил увид во налогот за претрес кај Владимир Панчевски издаден од судот во Гевгелија и дека претходно за истиот случај била повикана во судскиот совет и претседателката на судот која го издала налогот, Злата Попова.
Во соопштението, Караџовски хронолошки го образложува целиот случај, како бил информиран за настаните со претресот на судијата Панчевски. Заклучоци нема, Караџовски напоменува дека има надлежни органи кои ке одлучуваат кој се огрешил пред законот.
Но покрај деталното образложени, Караџовски се наоѓа за повикан и да ја оценува и критикува работат на новинарите и нивните написи, држејќи им лекции за професионалност и човечност.
Еве го соопштението на Караџовски во целост:
„На 12.10.2017 година, работна група во состав Зоран Караџовски, претседател на ССРМ, Мери Дика Георгиевска и Влатко Самарџиски, членови на ССРМ, беше во работна посета на Основниот суд Гевгелија. Во рамките на посетата, беа преземени повеќе активности од различна природа на работата на ОС Гевгелија.
Бидејќи јавноста, а особено огромниот дел од медиумите, не ги интересираат секојдневните проблеми на судството и судовите во Република Македонија, ова известување се однесува само на една од причините заради кои ССРМ изврши посета на овој суд.
За да биде јасно за пошироката јавност и со надеж дека барем малку ќе се намалат сите волшебни приказни кои се пласираат во голем дел од медиумите, ќе дадам хронолошки редослед на настаните.
На 05.10.2017 година (четврток) околу 14 часот, по телефон, ВД претседателот на ОС Скопје 1 Стојанче Рибарев ме извести, како претседател на ССРМ, дека во просториите на тој суд, врз основа на судска наредба е во тек личен претрес на судијата Владимир Панчевски, судија во ОС Скопје 1. Притоа, во телефонскиот разговор ми беше соопштено дека наредбата ја издал ОС Гевгелија, врз основа на барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). До 14,20 часот во ССРМ од страна на ВД Претседателот на ОС Скопје 1 беа доставени и две писмени известувања во врска со тоа.
Следното утро, на 06.10.2017 година (петок), во просториите на ССРМ одржав работен состанок со мнозинството членови на ССРМ (тие што беа на работа), во врска со дејствијата преземени по издадената наредба на ОС Гевгелија. Бидејќи, на никој од присутните не му беа јасни причините зошто ОС Гевгелија ја издал наредбата, едногласно се констатира дека треба да се изврши разговор со претседателката на ОС Гевгелија Злата Попова. Со оглед на тоа што беше извршен претрес врз судија, во простории на суд, по телефон беше повикана претседателката на ОС Гевгелија истиот ден да дојде во просториите на ССРМ и на членовите на ССРМ да им ја појасни состојбата на работите во врска со конкретниот настан и дејствијата преземени од страна на ОС Гевгелија.
Во периодот од 12 до 13 часот во просториите на ССРМ се одржа заеднички состанок во мое и во присуство на членовите на ССРМ со претседателката на ОС Гевгелија Злата Попова. Таа не запозна со начинот на кој се одвивале настаните во нејзиниот суд во врска со поднесеното барање за издавање на предметната наредба за претрес во ОС Скопје 1, давајќи свое образложение како утврдила дека ОС Гевгелија, како суд и таа како претседател на суд имаат стварна и месна надлежност да постапуваат по конкретното барање на СЈО. Во текот на разговорот, кој се одвиваше во мирна и колегијална атмосфера, претседателката на ОС Гевгелија изрази желба од страна на ССРМ да биде извршена работна посета на ОС Гевгелија и да биде извршен и увид врз предметот формиран во судот по повод барањето за издавање наредба за претрес од страна на СЈО. Тоа беше прифатено од наша страна, со образложение дека секако сме планирале да извршиме работна посета на тој суд, но конкретен датум не беше определен.
На 09.10.2017 година (понеделник), пред самиот крај на работното време, околу 15,15 часот од страна на судијата Владимир Панчевски до претседателот и членовите на ССРМ беше доставено известување, со негово видување за тоа како се одвивал личниот претрес врз него во просториите на ОС Скопје 1, а за претресот во неговиот дом.
Од медиумите, истиот ден, дознав дека ВД претседателот на ОС Скопје 1 одржал состанок со судиите во тој суд, токму во врска со настаните во тој суд на 05.10.2017 година.
Заради овие околности, следното утро, на 10.10.2017 година одржав работен состанок со мнозинството членови на ССРМ (оние кои беа на работа), а претходно им го поделив писмениот материјал доставен од страна на судијата Владимир Панчевски. На овој состанок дискутиравме во врска со настаните во ОС Скопје 1 на 05.10.2017 година, писменото известување од судијата Панчевски и идните активности на ССРМ кои се во рамките на неговите законски надлежности. Едногласно констатиравме дека треба во просториите на ССРМ да го повикаме ВД претседателот на ОС Скопје 1 Стојанче Рибарев, за да го изнесе своето видување на настаните во тој суд од 05.10 2017 година. Тоа беше сторено, и истиот ден, во текот на работното време, ВД претседателот на ОС Скопје 1 дојде во просториите на ССРМ и пред мене и присутните членови на ССРМ го изнесе своето видување на она што се случувало во судот на 05.10.2017 година и потоа ги напушти просториите на ССРМ.
Истиот ден, во продолжение на работниот состанок, едногласно констатиравме дека на 12.10.2017 година (четврток), работна група на ССРМ треба да го посети ОС Гевгелија и донесе заклучок со повеќе точки. За членови на работната група бевме определени, јас како претседател на ССРМ и членовите на ССРМ Мери Дика Георгиевска и Влатко Самарџиски.
Работната група, на 12.10.2017 година, во текот на работното време изврши работна посета на ОС Гевгелија. Бидејќи беше службено отсутна, претседателката на ОС Гевгелија телефонски беше известена за работната посета и таа за нецел час пристигна во судот. Дел од членовите од работната група извршија разговор со претседателката на ОС Гевгелија Злата Попова и со нејзината заменичка Маја Аврамова во врска со настаните на 05.10.2017 година, односно поднесеното барање за издавање наредба за претрес во ОС Скопје 1 од страна на СЈО и начинот на постапувањето на ОС Гевгелија во врска со оформениот предмет по повод тоа барање, а исто така изврши и увид во конкретниот предмет, согласно законските надлежности. Работната група се задржа во ОС Гевгелија околу два часа.
Се осврнувам на дел од шпекулациите односно извртувањето на вистината (читај: лагите) обзнанети од некои медиуми и новинари, кои се очигледно диригирани од некои центри на моќ, а со цел да нанесат штета на ССРМ, судството и на судиите во РМ.
ССРМ нема законска надлежност да утврдува дали некоја судска одлука е правилна и законита или не. Активностите кои ССРМ ги презеде во конкретниот случај, беа иницирани заради тоа што во еден суд во РМ беше извршен личен претрес врз судија и затоа што членовите на ССРМ (мнозинскиот дел долгогодишни судии), за прв пат се соочија со издавање на наредба за претрес на начинот на кој беше издадена, а имајќи ги предвид одредбите за месна надлежност и пренесување на месна надлежност од членовите 26 и 27 од Законот за кривичната постапка.
Со Уставот на РМ и законите, загарантирани се сите човекови права и слободи. Нивното почитување мора да виде светост за секој судија, за секој обвинител. Оној што сторил кривично дело – граѓанин, судија, обвинител, лекар, професор, рудар …. без оглед на неговото име и презиме мора да биде осуден, во законита постапка.
Со индигнација (гнасење), ги отфрлам сите волшебни приказни дека сум преземал некакви активности, сум бил во гевгелискиот суд за да го спасам Панчевски од СЈО и слични небулози изнесени од некакви ликови кои пишуваат и зборуваат ословувајќи се како новинари и ги ставаат во длабока кал новинарите и новинарската професија.
Образ или имаш или немаш. Чест или имаш или немаш. Почитување на другиот или имаш или немаш. Една убава македонска изрека вели – кој како се скроил, така ќе се искине.
Со почит спрема целата македонска јавност, напиша Караџовски.