Голем број на наши иселеници денес масовно споделуваат плакат со фотографии со повеќе пејачи кои вечерва ќе настапат на градските плоштади, како дел од прославата која ја организира владата, и повикуваат народот да излезе надвор и да мава со јајца по нив.
-Ќе пееле за пари, така беа предадени Христос, Делчев, Сугаре, Даскалот и други. Да ги собереме сите јајца сматки (расипани) и да им ја постелиме бината! – пишуваат наши иселеници од Австралија.
Освен во Австралија, и иселеници во Канада реагираат против музичарите, па се повикува на бојкот на нивните настапи. Претседателот на Светски Македонски Конгрес Канада, Bobby Temelkov, на својот Фејсбук профил вчера објави јавно предупредување до музичките менаџери, со кое порача дека музичарите не се добредојдени на настапи во Канада.
-Јавно предупредување! Немој ни случајно некој од Канадските музички менаџери да помисли да донесе во Канада некој од овие групи или пејачи! Лично ќе се погрижам настапите да бидат бојкотирани од мнозинството на Македонската заедница во Канада! – порача тој.
Големата прослава по повод поканата за членство во НАТО и добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ ќе се случува вечерва во 15 градови, а ќе настапат околу 40 музичари. Трошоците ќе бидат покриени од државниот буџет, но сеуште не се знае колку точно ќе изнесуваат.
Вики Клинчарова