26-годишна девојка се уште трага по биолошките родители од Македонија: Не ве барам од очај, туку од љубов!

by Fokus

Веќе шест години трае потрагата по биолошките родители на 26-годишна девојка, родена во Македонија, и на три месечна возраст посвоена во Америка.

Нејзиното име е Алисон Голдин (Allison Goldin), а името кое и било дадено по раѓање и било Елена Митевска.

За нејзиниот случај „Фокус“ пишуваше и пред три години, кога таа се обиде преку нашиот медиум да дојде до одговорите за своето потекло. Како што раскажува денес, по три години, нејзината потрага се уште трае и не губи надеж дека ќе ги најде своите биолошки родители.

– Со години носам во себе дел кој е некомплетен, дел кој бара, кој копнее… Родена сум на седми август 1998 година во Македонија, а според документацијата потекнувам од Куманово. Како новороденче сум била донесена во Домот за деца без родители во Битола. Како три месечно бебе бев посвоена од родители полни со љубов од Америка кои ми дадоа прекрасен живот и сум им благодарна.

Длабоко во себе, секогаш го носев прашањето, од каде доаѓам? Моето име од домот за деца без родители од Македонија е Елена Митевска и го носам тоа име во срцето, како потсетник за животот во кој сум се родила, и за животот од кој сега сум дел, раскажува младата девојка.

Додава дека целиот живот била опкружена со љубов, но сепак сакала да ја дознае вистината за биолошките корени. Направила ДНК тест, и пронашла неколку членови на биолошкото семејство, но сепак се уште не можела да дојде до идентитетот на биолошките мајка и татко.

– И покрај љубовта и топлината со која бев опкружена, отсекогаш недостигаше тој дел од сложувалката, вистината за моите биолошки корени. Со години барам…
Најдов неколку биолошки членови на семејството преку ДНК тест, и верувам дека моето биолошко семејство потекнува од Куманово и од Скопје.
Ми недостига тој дел од вистината кој би ме однел до моите биолошки родители, за кои знам дека се таму некаде.
Некој чека да ме најде мене, како што јас чекам да го најдам! Би им упатила порака на моите биолошки родители – Каде и да сте, знајте дека ве сакам. Знајте дека не ве барам од очај, туку од љубов, љубов која ги надминува далечината и времето. Ве молам, ако го читате ова, контактирајте ме, замолува Алисон.

Таа вели дека е преблагодарна и на родителите кои ја воспитувале и кои се семејството кое отсекогаш го познавала.

– Вие сте семејството кое отсекогаш го познавав, а вашата љубов е богатство! Но, патувањето на кое одам е дел од тоа што сум јас и треба да ги најдам делчињата од мене кои остануваат скриени. Додека барам, се задржувам на една мисла – Семејството не се дефинира на тоа кој те родил, туку според тоа кој те сака и ќе стои покрај тебе кога ти треба најмногу. Подготвена сум да ги најдам моите корени и мојата вистина, и го сакам моето семејство.

Ако некој кој го чита ова може да ми помогне, ве молам споделете го тоа со мене! Многу ми значи вашата љубезност и поддршка и ќе бидам благодарна, порача Алисон.

Единственото нешто кое го има од Македонија, е фотографија направена на денот кога била посвоена. Долг период знаела дека е посвоена, а потрагата по биолошките родители ја започнала пред околу шест години.

Доколку некој има информација која би и помогнала, може да ја контактира на нејзините профили на социјалните мрежи:

https://www.instagram.com/allisongoldin/?fbclid=IwY2xjawIawf9leHRuA2FlbQIxMAABHd6Gsnz2QlU4LSsDUBAmzTfpx_GjZayrJFQlnWcm2jnQEvgfZQaBL4TmiA_aem_YS7hrN-oWu0SqRdswa_QWA

Вики Клинчарова

Поврзани новости