22-годишно момче обвинето за кражба на алат од подруми низ Скопје

by fokus

Против 22-годишно момче е поднесено обвинение за тешка кражба и се сомничи за три кражби кои ги извршил во подруми на куќи низ Скопје, при што украл алат во вкупна вредност од 1.500 евра.

Според обвинението, 22-годишникот ги извршил овие кражби на 27 и 28 септември.

„Тој најпрвин, од подрумска просторија во една куќа на улицата „Карл Хрон“ во Скопје одзел алати и други предмети во вкупна вредност од 24.530 денари. Потоа обвинетиот 22-годишен скопјанец од подрум во куќа на улица „Маџари“ украл моторна пила за сечење дрва вредна 30.000 денари, а од гаража на улицата „Перо Наков“ одзел моторна пила и бакарни шини во вкупна вредност од 34.000 денари“, соопштија од Обвинителство.

Обвинетото момче е во притвор, а јавниот обвинител бара продолжување на мерката поради опасност од бегство.

„Ценејќи дека и натаму постои опасност од бегство на обвинетиот, а особено имајќи го предвид фактот дека се работи за лице кое претходно е осудувано за кривични дела, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и Посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор, со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка“, додаваат од Обвинителство.

Поврзани новости