Во моментов ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека од математичка и политичка природа не можеме да бидеме комплетно активни во Собранието. Имам чувство дека овие проблеми ќе бидат надминати и ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по двочасовната средба со премиерот Зоран Заев што се одржа во Владата.
На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се вратат и притворените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека во многу наврати рекол дека ќе се обиде да биде математички презицен и дека чувствата ги темели на факти.
-Се разбира дека под комплетирање се подразбира 100 процентна пратеничка група, рече Мицкоски, кој појасни дека средбата се одржала на покана на Заев.
Тој додаде и дека со премиерот разговарале и за преговорите со Грција.
-Од приложеното можам да констатирам дека нема поместување од тоа што беше утврдено на лидерската средба во Клубот на пратеници. Повторив дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а за идентитетските прашања не треба да се разговара, рече Мицкоски.