МВР доцна синоќа информираше дека во врска со фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на ФК Шкупи од Скопје и ФК Левски од Софија Република Бугарија приведени се 19 навивачи од Република Бугарија, поради нарушување на јавниот ред и мир, пред и за време на натпреварот.
Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив.
По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца навивачи на навивачката група на ФК Шкупи, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка.
И тие се приведени и ќе се соочат со законски предвидените поднесоци.
Во врска со физичкиот напад врз четирите бугарски државјани, за кој во 18.38 часот е пријавено дека се случил на ул.„Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет до кој бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди, по преземени мерки и активности утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и се расчистува случајот, по што ќе бидат поднесени пријави.
Повредениот Д.А. бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“ и е во стабилна состојба.