Со доделувањето на сертификати за учесниците на Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ од страна на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби вчера во Маврово, започна овогодишното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Во обраќањето на свеченоста Груби посочи дека придобивките од Охридскиот договор се видливи во концептот еднакво општество за сите.
– Денеска после 21 година, државата се грижи за заедниците кои живеат во неа и сите заедници станаа еднакви бидејќи Албанците, Македонците, Србите, Бошњаците и другите кои живеат заедно во една земја, се грижи за безбедноста и евроатлантската перспектива, истакна Груби, посочувајќи дека земјава денес е членка на НАТО, а минатиот месец ги почна преговорите за членство во Европската Унија.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој во тоа време ја предводеше ОНА.