200 тужби за напади од бездомни кучиња поднесени лани против Град Скопје, формирано јавното претпријатие „Лајка“

by fokus

Советот на Град Скопје на вчерашната седница донесе одлука за формирање јавно претпријатие за хуманиот третман на животните скитници, а новото претпријатие ќе го носи името Лајка. Во јавното претпријатие активно ќе учествуваат невладините организации, а формирано е за подобар третман на кучињата скитиници. Од Градот велат дека само на овој начин ќе се реши проблемот со големиот број на бездомни кучиња во Скопје.

Од таму велат дека само во 2018 година биле поднесени 200 тужби за за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.

„Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани“, велат од Градот.

Новото јавно претпријатие, посочуваат, ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика, додека досегашниот систем на работа со бездомните животни, додаваат, резултирал со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини.

„Новиот систем ќе овозможи Градот Скопје стратешки да се справи со проблемот на животните скитници од скопските улици преку воспоставување поефикасна контрола над популацијата на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје. Токму затоа во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини“, велат од Градот.

Поврзани новости